Овој рецепт „ми фати око“, веднаш штом го видов бидејќи ми се омилени старинските колачи. Оскуден колач со неколку состојки, како што правеа порано нашите баби кога некои од намирниците не беа секогаш достапни или беа многу скапи. За овој колач нема многу да се потрошите, а сепак убаво ќе се засладите.
Кога сакате да ги изненадите ненајавените гости и да се покажете добро пред нив, со овој колач буквално ќе се „извадите“ од непријатната ситуација која со себе носи брзање и спремање на разни јадења со кои сакате да ги послужите. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 јајце, 200 г шеќер, 100 мл млеко, 200 мл масло, 2 рендани јаболка, 170 г гриз, 200 г брашном 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка цимет. ЗА ГЛАЗУРА: 4 лажици шеќер, 4 лажици масло, 4 лажици млеко.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ: 5 шолји газирана вода, 5 шолји брашно, 3 шолји масло, 3 шолји пченичен гриз, 1 лажичка цимет, 100 г сечкано суво грозје, 100 г сечкани ореви, 1 прашок за печиво. ЗА СИРУП: 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 250 мл вода. И за наросување уште ќе ви биде потребно: 50 г сечкани ореви, по желба. Како мерка се користи 1 шолја од 150 мл.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден подлабок сад скршете го јајцето, промешајте го додека да стане пенасто, па додајте 200 г шеќер. Започнете да матите со миксер додека смесата да го зголеми својот волумен и да стане пенаста. Потоа додајте го млекото и продолжете да матите со миксерот додека сите состојки да се соединат во еднолична смеса.
Додајте го маслото, промешајте, па настрана излупете и исчистете ги јаболката од семките и дршката. Потоа изрендајте ги, па додајте ги во смесата. Се додава гризот, брашното, прашокот за печиво и циметот. Продолжете да матите со миксерот додека сите состојки подеднакво да се соединат, а смесата да биде погуста од онаа за палачинки.
Доколку е потребно, колачот може да се измеша и со лажица за смесата да биде покомпактна. Во еден плех со стандардна големина, обложете хартија за печење и излејте ја смесата за колачот. Колачот се израмнува и се става на печење.
Печете во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 20 минути. Во меѓувреме подгответе ја глазурата на вообичаен начин: чоколадото се крши на коцки, се додава млекото, маслото, шеќерот и на рингла се растопува.
Кога кората на колачот ќе се испече, се избоцкува со чепкалка и одозгора се прелива со чоколадната глазура. Потоа колачот се сече на коцки и веднаш се послужува бидејќи никој не може да му одолее. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте ја и постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Просејте 5 шолји брашно со еден прашок за печиво и една лажичка цимет. Додајте три шолји гриз, 100 г крупно сечкано суво грозје и 100 г крупно сечкани ореви. Сето убаво измешајте го во вангла. Во средината од сувите состојки направете вдлабнатина па излејте 5 шолји газирана вода и три шолји масло. Сето убаво промешајте го за да се изедначи смесата.
Може да користите и миксер, а можете и едноставно со жица за матење. Рерната загрејте ја на 180 степени. Плехот со димензии 25х35 см обложете го со хартија за печење и излејте ја смесата. Одозгора врз тестото можете да наросите и 50 г сечкани ореви. Печете 35-40 минути. Пробајте со чепкалка дали е печен колачот, извадете го плехот и оставете го колачот да излади.
Во меѓувреме направете го сирупот: сварете 250 г шеќер, 1 ванилин шеќер и 250 мл вода околу 3-4 минути и со врел сируп прелијте го изладениот колач. Колачот оставете го на собна температура додека да го впие целиот сируп. Сечете на коцки, штангли, триаголници.
Можете да ставите и прелив со чоколадо и така колачот е уште повкусен. Во тој случај тестото не се наросува со сечкани ореви пред печењето. Глазура се прави од 100 г темно чоколадо, 50 г путер, 1 лажица кисела павлака, 1 лажица масло – сето добро се соединува на тивок оган и се прелива преку колачот.
Одлично се сече, чоколадото не се двои од кората без разлика што претходно била прелиена со сируп.