Ова се најубавите божиќни колачи, пробајте ги и уверете се.
Потребни состојки: 150 г брашно, 50 г шеќер во прав, 2 лажички ванилин шеќер, 100 г путер на собна температура, 1 жолчка, 2 прстофат сол и 1 лажица ладно млеко. За фил: 100 г мелени лешници, 3 лажици мед, 1 лимон – сок и кора од ½ лимон. За целувките: 3 белки, 210 г шеќер, 2 лажички лимонов сок. За декорирање: 50 г чоколадо за готвење
Постапка: Во брашното ставете 2 прстофати сол, 50 г шеќер во прав, 2 лажички ванилин шеќер, 100 г омекнат путер на собна температура и една сирова жолчка од јајце. Прво со лажица, а потоа и со рака измесете ги состојките за да добиете тесто. Пред крај додадете една лажица ладно млеко и домесете го тестото додека да престане да се рони и стане компактно.
Тестото завиткајте го во проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да излади 10-15 минути.
Врз набрашнета работна површина развлечете кора со дебелина од 4-5 мм. Потоа со калап 3 см вадете кругови и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Остатокот од тестото, повторно замесете го и развлечете го во тенка кора, па вадете тркалца додека не се потроши целото.
За фил: Во 100 г мелени лешници ставете три лажици мед и со помош на две лажици убаво размешајте. Потоа додадете сок од еден лимон и изрендајте малку кора. Изедначете ја убаво смесата, па со лажичка вадете и филувајте ги тркалцата.
За снег од белки: Три белки убаво изматете ги со прстофат сол. Постепено додавајте 210 г шеќер и матете околу 10 минути додека тој целосно да се растопи и да добиете убав, цврст снег. Потоа додадете 2 лажички лимонов сок и матете уште 5 минути. Шеќерот не смее да крцка, мора да биде убаво растопен. Со помош на шприц за шлаг, правете целувки врз филуваните кругови.
Ставете да се печат во загреана рерна на 160-170 степени околу 12-15 минути. Извадете ги од плехот (без да ги допирате, само извлечете ги заедно со хартијата) и оставете ги целосно да изладат. За тоа време, 50 г чоколадо растопете го на пареа и истурете го во кесичка на која ќе и го отсечете врвот, па декорирајте ги божиќните целувки.
Сите детали можете да ги погледнете во видеото: