Нема некој кој не ги обожава брзите летни колачи. Според рецептот на Сања од „Кујната на Аурора“ подгответе го овој освежителен колач со јагоди кој не бара вклучување на рерната, а се подготвува во тенџере. Целата постапка ќе ви одземе 10-тина минути, а за вкусот колку е добар ќе се уверите и самите. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 900 мл млеко, 3 пудинзи од ванила, 10 лажици шеќер, 300 г плазма бисквит или други кекси, 250 г свежи јагоди, 2 банани, 400 мл слатка павлака или крем шлаг, 200 г путер или маргарин. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 150 г павлака (крем за готвење)/чоколадна глазура..
ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тенџере сипете 750 или 700 мл млеко, а остатокот сипете го во подлабок сад. Во млекото во тенџерето додајте 10 лажици шеќер и ставете го тенџерето на рингла на средна температура. Повремено промешувајте додека млекото да се смлачи, а шеќерот да почне да се растопува.
Во садот со преостанатото млеко истресете ги трите кесички со ванилин пудинг. Измешајте накратко со жица или маталка да се разредат грутчињата, па почекајте млекото во тенџерето да зоврие. Потоа, постепено, сипете го млекото со пудинг и започнете константно да мешате, додека пудингот да се свари.
Доколку е потребно, намалете ја температурата на ринглата или тргнете го тенџерето од рингла, па потоа вратете го кога малку ќе се олади. Сварете го пудингот со потребната густина, па тргнете го настрана. Исечкајте го путерот или маргаринот на коцки и додајте го во врелиот пудинг.
Измешајте додека путерот да се стопи, па додајте ја павлаката, повторно соединете и тргнете настрана за да се олади. Во меѓувреме подгответе ги јагодите и бананите. Потребно е да користите свежи плодови кои се неоштетени. Измијте ги јагодите добро, а потоа отстранете ја петелката.
Исечкајте ги на половина, а потоа во зависност од нивната големина исечкајте ги на два или трипати (не треба да бидат премногу мали, ниту премногу големи). Бананите излупете ги и исечкајте ги на кругови со дебелина од половина прст. Подгответе ги кексите (плазмата) така што ќе ги скршите на средни парчиња.
Додајте ги кексите во пудингот и измешајте добро, па потоа додајте ги бананите, па на крај јагодите. Мешајте лесно додека сѐ да се соедини во еднолична смеса во тенџерето. Вака подготвениот колач излејте го во калап со големина по ваша желба, не е важно бидејќи не се пече.
Полесно е доколку го излеете во калап со флексибилен обрач, но доколку немате таков, едноставно обложете со проѕирна фолија за да го извадите во еден потег или измачкајте го садот со путер за да не ви се залепи. Израмнете го колачот во калапот и ставете го во фрижидер да се стегне. Најдобро е да отстои неколку часа или преку цела ноќ.
Декорацијата на колачот останува на вас. Може да декорирате со изматен снег од крем за готвење или чоколадна глазура. Колачот послужете го кога е добро стегнат за да може лесно да се исече. Деталите погледнете ги ОВДЕ.