Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти – Колач со гриз и ореви.

Ова е една верзија на колачите кои се нарекуваат “колач со вкус на баклава” или “раванија” и слично, бидејќи според сочноста, вкусот и мирисот на ореви, кој се топи во уста, неодоливо потсетува на оваа ориентална слатка…

Колачот се пече во загреана рерна на 180 степени околу половина час, се остава да излади, а потоа ладен се прелива со врел шербет. Сирупот е поредок, но доколку сакате, вие можете да го приготвите да биде и погуст, секој по своја желба.

Потребни состојки:

5 јајца
100 г шеќер
150 мл млеко
150 мл масло
100 г гриз
200 г брашно
12 г прашок за печиво
1-2 раце ситно сечкани ореви

за шербет:

200 г шеќер
500 мл вода
1 ванилин шеќер
½ лимон

Постапка:

Во длабок сад 5 јајца пенасто се матат со 100 г шеќер додека тој да се растопи и смесата да згусне, околу 5 минути (со миксер). Потоа се додава 150 мл млеко, 150 мл масло, 100 г гриз, 200 г брашно просеано и 12 г прашок за печиво (1 кесичка).

Сите состојки се матат со миксер на помала брзина додека да се изедначат и да се добие хомогена смеса, околу 2 минути.

Во тепсија со димензија 34 см, добро намастена, излејте ја приготвената смеса, а одозгора наросете обилно со ситно сечкани ореви. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу половина час. Проверете со чепкалка.

Печениот колач оставете го целосно да излади. Потоа направете го сирупот: Во тенџере на оган ставете 200 г шеќер и 500 мл вода, додадете 1 кесичка ванилин шеќер и сок од половина лимон.

Откако ќе зоврие оставете да врие 5 минути за да згусне малку и целосно да се растопи шеќерот. Колачот исечете го на коцки или баклави по желба и прелијте го со врелиот сируп. Оставете да излади за да го впие, па изладен послужете го. Деталите од постапката за приготвување на овој колач можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.