Овој колач, прелиен со шербет по вкусот потсетува на баклавата, а се приготвува вкупно за половина час, сосе печење. Се матат сите состојки, се пече колачот и се залива со шербетот. Доколку сакате нешто богато на трпезата, овој колач е идеален за вас.
Во продолжение прочитајте 2 слични рецепти и одберете кој повеќе ви се допаѓа. Во рецептите како мерка се користи чаша од 200 мл, многу се слични и двата и се прават со само 4 јајца. По желба, ако правите само за вас и домашните може да правите само половина количина. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 4 јајца, 2 шолји шеќер, 1 шолја масло, 1 шолја млеко, 1 шолја гриз, 1 шолја остро брашно, 2 шолји мелени ореви. ЗА ШЕРБЕТ: 500 мл вода, 2 шолји шеќер. Сите состојки се мерат со една иста шолја од 200 мл.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша мелени ореви или лешници, 2 чаши гриз, 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 прашок за печиво. ЗА ШЕРБЕТ: 250 г шеќер, 400 мл вода, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – кора. За премачкување: 2 изматени шлага, малку мелени ореви за декорација.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Пенасто изматете ги јајцата со постепено додавање на шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа, светла, пенлива смеса. Потоа додајте ги сите останати, претходно наведени состојки. Најдобро е прво да ги додавате течните состојки, а на крај сувите (двете брашна претходно измешате ги заедно).
Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех (20х30 см или плех од рерна) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час. Врелиот колач прелијте го со млак шербет.
За шербет: Зовријте ја водата со шеќерот и варете додека шеќерот целосно да се растопи. Откако ќе зоврие оставете да се вари 3-4 минути, а пред крај по желба додајте лимонов сок. Оставете го малку настрана шербетот да подизлади, да не е премногу врел кога ќе го преливате.
Колачот откако ќе го прелиете рамномерно со шербетот (користете кутлача), наросете го одозгора со мелени ореви. Се користи шолја од 200 мл, а количината е доволна за поголем плех 30х20 см. Јас правев половина од количината па ми излезе потенка“, вели Линда.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Веднаш на самиот почеток вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, бидејќи брзо се подготвува смесата за колачот. Плех со димензии 20х35 см намастете го со малку масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.
Изматете ги пенасто јајцата, па додајте го шеќерот и продолжете да матите додека тој да се растопи а смесата да згусне и побели. Додајте ги и течните состојки (млекото, маслото), па додајте ги сувите состојки (брашно, гриз, ореви), како што е опишано и во првиот рецепт, прво се додаваат течните, па потоа сувите состојки.
На крај додајте го прашокот за печиво, па добиената смеса излејте ја во приготвениот плех и ставете да се пече во загреаната рерна околу половина час. Додека се пече колачот пригответе го сирупот.
Сварете ја водата заедно со шеќерот, ванилата и ренданата кора од еден лимон, околу 5 минути откако ќе зоврие. Врелиот, печен колач прелијте го со топлиот сируп и оставете го да се олади.
На крај изматете шлаг, па премачкајте го колачот рамномерно преку целата површина. Одозгора наросете една рака мелени ореви. Најубав е кога ќе кога ќе се послужи изладен од фрижидер. Сите детали од вториот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.