Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss) –Мили – Ванили.

Оригиналниот рецепт е со јагоди, но одличен е и со малини, вишни или било кое друго црвено овошје.

Потребни состојки за подлога:

3 јајца, 3 лажици шеќер, 3 лажици брашно.

За црвен фил:

500 г јагоди, 200 мл вода или сок од јагоди, 3-4 лажици шеќер, 2 кесички црвен прелив за торта.

За крем:

3 жолчки, 2 јајца (или 1 ванила пудинг), 1 ванилин шеќер, 2 лажици брашно, 3-4 лажици шеќер, 2 мл арома ванила, 500 мл млеко, 125 г маргарин/путер.

За украсување: 1 шлаг пена

Постапка:

За подлога: Изматете ги белките во цврст снег, па постепено додадете го и шеќерот. Матете додека се растопи. На крај, додадете го брашното мешајќи со дрвена лажица. Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап со пречник 22 см или 20х30 см. Печете 10-тина минути на 180 степени(претходно загреана рерна).

Оставете да излади, но не го вадете од калапот, бидејќи ќе ви исплива горе кога ќе го додадете црвениот фил.

За црвен фил: Измиените јагоди (малини) испасирајте ги со помош на виљушка. Додадете го шеќерот и преливот за торта кој сте го разредиле со 200 мл вода. Ставете ја смесата да зоврие. Потоа оладете ја малку и прелијте ја подлогата во калапот.

Оставете потполно да се олади и стегне филот. Јас кога малку подизладе, во интерес на времето го ставив калапот во замрзнувач, приближно половина час. Тоа сами ќе си процените кога ќе се желира.

*Јас наместо црвен прелив за торта користев 1 пакетче желе со вкус на јагоди кое го разредив со 250 мл вода и за секој случај додадов 10 г желатин, но не мора, бидејќи самото желе во упатството е за да се раствори со 400 мл вода.

За крем: Млекото ставете го да се вари. Јајцата и жолчките со шеќерот и ванилата пенасто изматете ги. Потоа додадете го брашното (и пудингот, но тогаш не ги користете целите јајца). Смесата излијте ја во млекото пред точка на вриење, тргајќи го на страна од рингла и промешајте добро, па вратете и варете со постојано мешање додека да се згусти кремот.

Кога ќе го тргнете од оган, додадете ја аромата од ванила и маргаринот и со миксерот убаво измиксирајте ја смесата. Оставете да се излади па нанесете го кремот над црвениот фил.Повторно оставете час до 2 да се стегне кремот и на крај филувајте со шлаг пена одозгора и цели јагоди.

*Оригиналниот рецепт е за со јагоди. Го испробав и со малини. Можете и со вишни и со цреши, но ми се чини дека со јагодите е полн погодок. Иако сепак се работи за вкус, но мислам дека сепак нема некој што може да им одолее на јагодите. Сладете се и уживајте.

Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)