За роденденот на сопругот го најдов рецептот за овој совршен колач кој го сподели каналот „Корисно и брзо“ и многу ми се допадна на прв поглед. Имавме викнато неколку гости, па не ми се правеше голема торта и помислив да направам мала промена, годинава да имаме „роденденски колач“.
Сега го препишував рецептот во тетратка и одлучив да го споделам со сите, бидејќи на Интepнет има милион рецепти и не може лесно да се најде вистинскиот. Им го препорачувам на читателите на НМД, зашто колачот е многу вкусен, се прави многу брзо, 15 минути работа, а изгледа многу богат и сочен.
Не треба да вклучувате рерна, не содржи јајца, ниту желатин, ни кондензирано млеко. Како не го знаев рецептот порано, отсега постојано ќе го подготвувам бидејќи навистина беше многу вкусен. Еве, го споделувам со вас, а за името, смислете го сами, бидејќи мене не ми е познато. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г кикирики, 200 г чоколадни бисквити, 100 г путер, 300 мл течна незасладена павлака (200 + 100), 100 г шеќер во прав, 300 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија…), 1 банана, 150 г чоколадо, бело чоколадо за декорација или нешто по ваш избор.
ПОСТАПКА: Во нелепливо тавче ставете ги кикириките и насолете ги со сосем малку сол (прстофат) да се пропржат. Кога ќе почнат да го испуштаат својот пријатен мирис, тргнете го тавчето од рингла, оставете ги да се оладат, па префрлете ги во блендер и сомелете ги.
Тргнете ги настрана, па во блендерот додајте 200 г чоколадни бисквити, па и нив сомелете ги. Доколку не можете да најдете чоколадни бисквити, користете ги белите, и додајте малку какао во прав. Бисквитите измешајте ги со мелените кикирики. Настрана растопете 100 г путер и додајте го во бисквитите и кикириките.
Нежно измешајте додека да се формира мокра смеса која има конзистентност на влажен песок. За овој колач се користи калап со пречник од 18 см, но доколку имате поголем, зголемете ја количината на состојките во зависност од големината на калапот.
На дното на калапот со флексибилен обрач натапкајте ја кората така што од страните ќе се издигнува минимум 1-2 прсти, а на дното фино прилепете ја. За подготовка на кремот: 200 мл течна (незасладена) павлака изматете ја со миксер заедно со 100 г шеќер во прав. Смесата треба да стане кремозна и да се згусне. Ако користите засладена павлака, тогаш додајте шеќер по вкус.
Настрана изматете го маскарпонето или некое друго крем сирење во фина смеса, па потоа со миксер соединете ги со шлагот од изматената павлака. Вака подготвениот крем поделете го на 2 еднакви делови и 1 потенок слој (помал дел).
Помалиот слој премачкајте го сосем малку врз кората од бисквит и кикирики. Потоа одозгора наредете 1 банана сечкана на крукчиња. Другата половина од кремот се премачкува врз бананата и убаво се распоредува. Потоа следи глазурата од 150 г чоколадо и 100 мл течна павлака која треба да ја соединете на пареа.
Глазурата се премачкува врз белиот крем, а одозгора доаѓа втората половина. Најдобро е кремовите да бидат оладени при премачкување. Врз чоколадната глазура се премачкува преостанатата половина од бел крем.
Колачот се става во фрижидер да се стегне неколку часа, а потоа се декорира со бело чоколадо по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.