Еден од омилените колачи на нашата слава се падобранците, но не кои било, туку токму кокосовите кои се бели како снегулки. Секојпат мора да ги приготвам во голема количина, зашто нашите гости очекуваат да ги има, а некои ме замолуваат да им спакувам и за дома.
Многу едноставно се приготвуваат од само неколку состојки и тоа евтини, па не ми причинува проблем. Всушност, ги приготвувам со големо задоволство, зашто знам дека многумина ќе усреќам со нив. Потребни се јајца, шеќер, брашно, путер или маргарин и чоколадо за готвење. Од мала количина печам три големи плеха, но како што кажав, и тоа е малку. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 белки, 300 г шеќер во прав, 250 г кокосово брашно/снегулки. ЗА ФИЛ: 5 жолчки, 5 супени лажици шеќер кристал, 100 г чоколадо за готвење, 160 г путер или маргарин. Од оваа количина се добиваат три плеха од шпорет.
Ако смесата згусне за втората и третата тура (зашто кокосот со стоење ја впива течноста и смесата може да стане сува), додајте малку млеко и промешајте, воопшто нема да пречи.
ПОСТАПКА: Во посебни садови одделете ги белките од жолчките. Белките пенасто изматете ги со миксер. После неколку минути матење започнете постепено да го додавате шеќерот во прав, лажица по лажица.
Матете додека да добиете цврст днег кој не пажа кога ќе го превртите садот. Во снегот од белки започнете полека да го додавате кокосовото брашно (ако имате кокосови снегулки, сомелете го на неколку пулса во блендер за да биде поситно).
Повеќе не ви е потребен миксер зашто кокосот треба да се вмеша со лажица, со бавни движиења, со превртување на смесата од долу кон нагоре. Кога еднаш ќе се изедначи, од смесата црпете со мала лажичка, а со друга подбутнувајте и правете ги целувките во плех обложен со хартија за печење.
Печете ги во загреана рерна на 160 степени, 15-20 минути (за тоа време подгответе го вториот, па третиот плех). После печењето целувките треба да бидат бели, а само на дното малку да бидат заруменети. Оставете да се оладат додека го приготвувате филот.
ЗА ФИЛ: Пенасто изматете пет жолчки со пет лажици шеќер. Матете неколку минути додека шеќерот да се растопи, а жолчките да осветлат и да станат кремасти. Кремастата смеса претурете ја во помало тенџере, па ставете на рингла и гответе на многу тивок оган (или на пареа) со непрекинато мешање, додека да згусне и да добие жолта боја.
Додајте 100 г растопено чоколадо и продолжете со мешање додека да се изедначи со кремот од жолчки. Тргнете настрана да се олади.
Во посебен сад оставете 160 г путер да омекне на собна температура и додајте 2 супени лажици шеќер во прав. Пенасто изматете и во него започнете да го додавате оладениот крем, лажица по лажица.
Путерот и кремот мора да бидат на иста собна температура кога ќе се соединуваат. Лепете по две целувки со по една лажичка крем, како сендвич, а падобранците оставете ги да се залепат и стврднат до послужувањето. Деталите погледнете ги ОВДЕ.