Битолскиот професор прогнозира дека вирусот ќе станува сè побезопасен и како и другите микроорганизми, предизвикувачи на болести, крајната цел му е да инвадира во што поголем број домаќини. Неговата анализа беше постирана на 10.10.2020.
Битолскиот професор по механика Дејан Трајковски, речиси секојдневно, на својот профил на социјалните мрежи, излегува со анализи на бројките и според резултатите кои ги добива, дава одредени проценки како би се движела пандемијата.
Во неговата анализа од 09.10.2020, тој дава извонреден графички приказ, но и објаснување во која насока ќе се движи ситуацијата со вирусот, според анализата на бројките:
„09.10.2020 Повеќе нема сомневање, третиот – есенски пик не е само поголем, туку и пострм од вториот, јунски пик. Првиот пик повеќе не го споменуваме, тој беше само загревање за ова сега.
Ако после Рамазан бајрам кумулативната инциденца растеше праволиниски, од 8 септември до денес гледаме дека расте квадратично. Ова убаво се гледа на дијаграмот на втората слика. Од 66,3 до 135,6 на 100.000 жители кумулативната инциденца се дуплира за само 30 дена. Навистина изгледа застрашувачки!
Графикот на активните случаи (црвената линина на дијаграмот на четвртата слика) ќе личеше речиси идентично на овој дијаграм со највисока трета грпка доколку и сега се затвораа случаите со контролни тестирања.
Автоматското затворање по 18-19 дена засега прави третиот пик на активните случаи да не биде толку висок, ама и тоа нема да трае вечно. Со ваков експлозивен раст на бројот на нови случаи наскоро веројатно ќе видиме и 4.000, па 5.000 активни случаи…
Сепак, забележуваме еден охрабрувачки податок. Многу високиот дневен број на лабораториски дијагностицирани за среќа не доведе до пропорционален раст на бројот на хоспитализирани.
Иако веќе 8 дена се соочуваме со многу високи дневни бројки на нови случаи (просечно двојно повеќе отколку во вториот пик, на дијаграмот на третата слика), бројот на хоспитализираните дури денеска (10.10.2020) се изедначи со претходниот рекорден број од 425. Среќа што е така, затоа што гледаме дека во болниците состојбата е, најблаго речено, тешко издржлива.
Стапката на см ртност, исто така, деновиве сè уште е пониска од вкупната стапка на см ртност од почетокот на епидемијата до денес, иако летото е далеку зад нас.
Ова покажува дека, иако преносливоста на вирусот расте, неговата штетност по здравјето со текот на времето опаѓа. Ова е многу логично, бидејќи единствената цел на вирусот е само да се размножува.
Ако го увие домаќинот, тогаш ништо не би направил и со текот на времето би исчезнал, како неговите сродници САРС КоВ-1 и МЕРС. Но овој вирус мора помалку да увива за да може да се размножува, во што е многу успешен.
Заклучокот е дека овој вирус можеби ќе продолжи да станува се побезопасен, за на крај Ковид-19 да премине во некаква ендемска болест која ќе ги ув ива само најмалку отпорните.
Сепак, тоа не треба да биде причина за разуздано однесување, затоа што со нашето невнимание можеме да заразиме и увиеме многу стари, болни и неотпорни луѓе.
На крај, да ги видиме решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата за наредните 15 дена, на дијаграмот на четвртата слика.
Забзувањето ќе трае уште некое време, после што би требало повторно да премине во линеарен раст (како во летните месеци), но со една битна разлика: дневните бројки на нови случаи нема повеќе да бидат околу 100, туку 200, 300, а можеби и повеќе, зависно од висината на пикот.
Тоа е ефектот на инерција поради пресимптоматската трансмисија и поради кој не требаше да се дозволи вакво разгорување на епидемијата.
Од тие високи бројки враќањето во нормала ќе трае 3-4 пати подолго, со голем број на поч инати, ако здравствените власти сепак не се одлучат на „шок терапија“, односно соборување на дневните бројки со локдаун, како единствена вистински ефикасна мерка, барем во македонски услови.“