Кохот е еден од омилените сочни колачи кои можат да се јадат убаво изладени, но и веднаш штом се извадат од рерна, додека се топли. Се приготвува многу лесно, се пече бисквит и се залива со млеко, па затоа е сочен и се топи во уста. Ви предлагаме неколку одлични верзии, а вие одберете кој најмногу ви се допаѓа:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 4 супени лажици шеќер, 4 супени лажици гриз, 100 г млечно чоколадо, 600-700 мл млеко, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 белки, 8 лажици шеќер, 3 жолчки, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво (10 г), 3 лажици какао. За прелив: 500 мл млеко и 12 лажици шеќер. За глазура: 1 филџан (за кафе) млеко, 4 лажици шеќер, 90 г путер и 100 г чоколадо за готвење

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 6 лажици шеќер, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 1 кесичка рум шеќер (10 г), 4 супени лажици гриз, 100 г чоколадо и 800 мл млеко




ПОСТАПКА за рецепт 1: пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи и да згуснат. Можете посебно да ги изматите белките во цврст снег, а потоа да ги додадете жолчките една по една. Во густо изматените јајца додајте гриз и мешајте полека со лажица додека да се изедначи.




Помал плех намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го, па сипете ја смесата, распоредете рамномерно и израмнете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 15-тина минути.




Додека се пече сварете го млекото, засладете по желба, додајте искршено млечно чоколадо и ванилин шеќер. Врелиот кох залијте го со врелото чоколадо, оставете да се впие и малку да подизлади, па можете да го послужите топол или ладен. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: изматете ги белките со 8 лажици шеќер. Во изматениот снег додајте 3 жолчки (една по една), 12 лажици масло и 12 лажици млеко. Потоа не ви е потребен миксер, па постепено додајте ги сувите состојки: 9 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво и 3 лажици какао. Измешајте со лажица, смесата да остане пенлива и воздушеста.




Од добиената смеса испечете бисквит (во загреана рерна на 180 степени) во намастен и набрашнет плех со средна величина. Печениот колач извадете го од рерна и оставете го да се олади. За прелив: откако бисквитот ќе се олади, прелијте го со сварено млеко во кое сте додале шеќер.




Глазура: сварете филџан млеко со 4 лажици шеќер, потоа додајте путер и чоколадо. Кога ќе се соедини прелијте преку колачот. Чоколадниот кох е најдобро да се приготви еден ден пред послужување за да има време убаво да се олади, да го впие млекото и да се стегне глазурата. Следи постапката за третиот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 3: Најпрво пригответе помал плех во кој ќе го печете кохот: намастете го и набрашнете го, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Изматете ги белките во цврст снег со 4 лажици шеќер, па додајте гриз, жолчки и ванилин шеќер. Полека со лажица или шпатула промешајте за да се изедначат состојките.




Доколку сакате, во смесата можете да додадете и една рака суво грозје претходно натопено во рум и исцедено. Добро промешајте. Смесата излејте ја во приготвениот плех и печете ја околу 20 минути на 200 степени. Во моментот кога ќе биде испечен кохот, треба да биде провриено и млекото за прелевање.




Млекото сварете го, додајте ванилин шеќер и 2 лажици шеќер. Додајте и 100 г чоколадо и рум шеќер за вкус. Кога ќе зоврие и чоколадото ќе се растопи, прелијте го печениот бисквит кој можете малку да го избоцкате со виљушка за поубаво да впие (топло-топло). Оставете да се олади добро пред послужување. Деталите од првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а од третиот ОВДЕ.