Вистинска летна кралица!

Потребни состојки:

10 јајца
10 лажици шеќер
6 лажици ситен пченичен гриз
4 лажици меко брашно тип 400

За прелив:

2 литри млеко
10 лажици шеќер
1 ванилин шеќер

Постапка:

Ако јајцата ги чувате во фрижидер, извадете ги малку да се стоплат на собна темперагура. Никогаш не матете студени јајца.

Одвојте ги белките од жолчките. Пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот додека убаво да се измати.

Миксерот намалете го на најмала брзина, па додавајте ги полека жолчките, смесата убаво да се соедини. Исклучете го миксерот. Оставете на страна.

Брашното измешајте го со пченичен гриз, многу е важно да биде што поситен (оној што се користи за кнедли), за да има кохот покремаста структура.

Додадете го брашното во јајцата полека мешајќи со дрвена лажица.

Тркалезна тепсија 30 см намастете и набрашнете.

Истурете ја смесата во неа и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени.

Печете 10 минути на 200 па уште 20-тина минути на 175 степени.

После 15-тина минути од печењето вклучете ја ринглата на шпоретот и загрејте го млекото со шеќер и ванилин шеќер до точка на вриење. Додека млекото на тивко се загрева и кохот ќе биде готов.

Тајната на мајка ми за совршен кох е: тој додека е врел да се прелие со врело млеко. Млекото налевајте го полека со голема кутлача додека бисквитот впива.

Оставете да излади. Се послужува директно од фрижидер.