Ова јадење обично го приготвувам во работни денови, особено ако предпладне немам многу време да му се посветам на ручекот и на кујната… само соединувам, обликувам и ставам да се готви, покрај компирот и тоа е тоа.
По вкус, можете ќофтињата претходно да ги пропржите, но нам вака многу ни се вкусни, без дополнителни маснотии, а плус заштедувам време и помалку садови за миење. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки: 500 г мелено месо по избор, 1 јајце, 1 лажица сув зачин, вегета, 2 лажици лебни трошки, презла, 1 помала главица кромид, ½ лажичка црн пипер, 1 лажичка сол или по вкус, магдонос, 700 мл доматен сос, 700 мл вода и 1 лажица брашно, по желба, доколку сакате сосот да згусне
Постапка: Ситно исечкајте го или сомелете го кромидот. Додајте го месото, сувиот зачин, црниот пипер, јајцето и презлата, па добро со рака измесете. Месете ја смесата неколку минути или додека да забележите дека состојките се изедначени во еднолична смеса.
Во подлабок сад измешајте ги доматниот сос со водата, па со влажни раце обликувајте мали топчиња и ставајте ги во садот. Варете ги на тивко околу еден час, или час и половина, или додека да ја постигне посакуваната густина.
Не грижете се дека можеби ќе ви се чини многу вода, но таа ќе испари додека ќе се готват ќофтињата. Можете да ставите и помалку вода, сепак тоа е по вкус и желба како да изгледа сафтот.
Пред крај пробајте го сосот од домати, па доколку не е доволно солен, посолете, а по желба додадете црн пипер и лист од магдонос.
Ако сакате сосот да биде уште погуст, тогаш во малку вода разматете една лажица брашно, да нема грутчиња, тргнете го садот на страна, па земете околу една чаша од сосот и промешајте ја во раствореното брашно.
Потоа полека вратете назад рамномерно распоредувајќи, а потоа малку протресете го садот. Оставете на тивко да се довари уште 10-тина минута, па тргнете од оган и послужете. Најубаво е со компир пире, но може и по желба.
Коментар на Анита Стојановска: „Грешка е за варењето. јас ставам и ориз и за половина час е готово“.