Се подготвува многу брзо и едноставно со намирници кои веќе ги имате во кујната. Во оригиналниот рецепт ќофте-ќебапот се приготвува со мелено јагнешко месо, но може да се приготви и со какво сакате, по вкус. Покрај тоа, ќе ви откриеме три рецепти за најубавите сосови кои одговараат со ова јадење. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг мелено месо (јагнешко или мешано, по вкус), по 1 лажичка од следниве зачини: сол, црн пипер, црвена чили пиперка (буковец), црвена зачинска мелена пиперка, кумин, коријандер, 1 супена лажица рендан лук, 100 г ситно сечкан или крупно рендан кромид (исцеден од сокот), 1/2 или цела китка свеж магдонос (ситно исечкан), малку масло
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС 1: 2 супени лажици мајонез, 1 супена лажица цврст јогурт или кисела павлака, 1 супена лажица кечап, 1/2 лажица оцет, црн пипер за вкус. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС 2: 3 супени лажици цврст јогурт или кисела павлака, 1 супена лажица тахини/таан, 1 лажичка лимонов сок, сол и црн пипер, 1 прстофат кумин, 2 супени лажици вода.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС 3: 1/2 голем домат или 1 помал, 2 мали лути пиперчиња, 2 супени лажици лута зачинска пиперка во прав, 1 супена лажица чили пипер (буковец), 3 супени лажици оцет (вински или јаболков), 1 супена лажица масло, сол. И УШТЕ: зеленчук како прилог на ќофте-ќебапот – кромид, лути или благи пиперки, домати
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го меленото месо и додајте ги сите потребни зачини. Смесата најубаво се меси со рака, па затоа ставете ракавица и измесете го месото со зачините неколку минути додека забележите дека станало компактно.
Смесата од месо покријте ја и оставете ја во фрижидер да одмори половина час. За тоа време пригответе ги сосовите. За првиот сос ставете ги сите потребни состојки во еден сад и промешајте со маталка додека да се изедначи. Оставете во фрижидер до изедначување.
За вториот сос ставете ги сите потребн и состојки освен водата, промешајте до изедначување, а потоа додајте ја водата и повторно промешајте. За третиот сос сите состојки ставете ги во блендер и кратко измиксајте додека да се изедначи смесата. И овие два сосови оставете ги во фрижидер до послужување.
Откако ќе отстои месото со влажни раце кинете парчиња, со дланките формирајте топка, а потоа притиснете со прстите за да се формира ќофтето со нерамнини-отпечатоци од прстите. Вака приготвените ќофтиња редете ги во грил тава со малку загреано масло на умерена температура.
Пржете ги од двете страни додека да добијат убава златнокафеава боја, со повеќекратно превртување. По потреба засилувајте го или намалувајте го огнот. Послужете ги топли заедно со сосовите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.