I РЕЦЕПТ – Ќофте во доматен сос, кога немате многу време а ви се јаде нешто сочно и вкусно. Ова јадење обично го приготвувам во работни денови, особено ако претпладне немам многу време да му се посветам на ручекот и на кујната, па потребно ми е нешто брзо, а вкусно…
Само соединувам, обликувам и ставам да се готви, покрај компирот и тоа е тоа. Потребни состојки: 500 г мелено месо по избор, 1 јајце, 1 лажица сув зачин, вегета, 2 лажици лебни трошки, презла, 1 помала главица кромид, ½ лажичка црн пипер, 1 лажичка сол или по вкус, магдонос, 700 мл доматен сос, 700 мл вода и 1 лажица брашно, по желба, доколку сакате сосот да згусне.
Постапка: Ситно исечкајте го или сомелете го кромидот. Додадете го месото, сувиот зачин, црниот пипер, јајцето и презлата, па добро со рака измесете. Месете ја смесата неколку минути или додека да забележите дека состојките се изедначени во еднолична смеса.
Во подлабок сад измешајте ги доматниот сос со водата, па со влажни раце обликувајте мали топчиња и ставајте ги во садот. Варете ги на тивко околу 90 минути. Не грижете се дека можеби ќе ви се чини многу вода, но таа ќе испари додека ќе се готват ќофтињата.
Пред крај пробајте го сосот од домати, па доколку не е доволно солен, посолете, а по желба додадете црн пипер и лист од магдонос. Ако сакате сосот да биде уште погуст, тогаш во малку вода разматете една лажица брашно, да нема грутчиња, тргнете го садот на страна, па земете околу една чаша од сосот и промешајте ја во раствореното брашно.
Потоа полека вратете назад рамномерно распоредувајќи, а потоа малку протресете го садот. Оставете на тивко да се довари уште 10-тина минута, па тргнете од оган и послужете. Најубаво е со компир пире, но може и по желба. Коментар на Анита Стојановска: “Грешка е за варењето. јас ставам и ориз и за половина час е готово”.
II РЕЦЕПТ – Ќофте од рерна од мешано мелено месо – брзи и лесно. Ако сакате да приготвите брзо и лесно главно јадење за вашиот ручек, тогаш ова ќофте од рерна ќе ви биде идеално решение. Може да го приготвувате во работни денови или кога немате многу време за во кујна.
Потребни состојки: 250 г мелено свинско месо, 250 г мелено јунешко месо, 2 парчиња леб потопено во млеко, 2 јајца, 2 главици кромид, сол, црн пипер, 1 китка магдонос + зачини по вкус. Постапка: Измешајте го јунешкото и свинското месо, па додадете ситно сечкан кромид, може изблендиран или изрендан.
Потоа додадете леб, издробете го со раце, посолете и запиперете по вкус, па додадете јајца и сечкан магдонос. Со раце изгмечете ја смесата и обликувајте го ќофтето. Ќофтињата наредете ги во плех обложен со хартија и намастен со масло. Ставете да се пече на 180-200 степени околу еден час. Послужете ги топли со пире или друг прилог по ваш вкус.
III РЕЦЕПТ – Ручек за добри два дена….МАКЕДОНСКО ЌОФТЕ во доматен сос. Многу вкусно јадење. Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 голема главица кромид, сол, црн пипер, ½ лажичка мелен ким, ½ лажичка мелена лут пипер (чили) или црн пипер, 1 лажица сечкан магдонос.
За сос: 500 г доматен сос/ домати од конзерва, 1 чешне лукче или повеќе, 1 лажичка мелен лут пипер (чили) или црн пипер, 1 лажичка коријандер, сол, црн пипер. Постапка: Кромидот исечкајте го ситно или изрендајте го, па пропржете го на масло да стане стаклест.
Во длабока чинија ставете го меленото месо, додадете го динстаниот кромид и зачините. Сето убаво изедначете и оставете половина час во фрижидер. Потоа обликувајте мали топчиња и пржете ги во загреано масло. Ќофтенцата вадете ги на чинија.
Во истото масло пропржете ситно сечкано лукче, додадете коријандер во зрно, мелена лута пиперка и сечкани домати од конзерва. Сето гответе го 10-тина минути додека да згусне сосот. Ставете ги ќофтињата во сосот и гответе уште неколку минути. Наросете со сечкан магдонос и послужете топло.
IV РЕЦЕПТ – ЌОФТЕ ВО КОМПИР: Ова јадење можете и пред царот да го изнесете. Само навидум изгледа комплицирано, но “ќофтето во за-твор” можете да го приготвите врзо и лесно. Потребно е да ги обарите компирите и да ги исечкате на тркалца, па со еден ред да се поплочи огноотпорниот сад.
Меленото месо измешајте го со ситно сечкан кромид (или мелен), црвен пипер, сол и црн пипер (додадете и други зачини по ваш вкус), па правете ги ќофтињата. Редете ги врз компирот, а помеѓу ставајте тркалца компир така што секое ќофте ќе биде заградено како во “за-твор”.
Прелијте ги ќофтињата со бешамел сос, одозгора наредете рендан кашкавал и запечете го јадењето. Наместо бешамел може да користите и течна неутрална павлака или пак на малку путер да запржете една лажица брашно и потоа да прелиете со млеко и да зачинете по вкус. Се вари до саканата густина.
V РЕЦЕПТ – Денес за ручек: Ќофтенца со кромидарник, многу убаво и вкусно јадење. Фотографија и рецепт на Зорка Јанчева. Ова е стар рецепт за приготвување на едно многу вкусно јадење – прсти да излижеш! Рецептот ни го претстави нашата драга Зорка Јанчева.
Потребни состојки за ќофтиња: 300 г мешано мелено месо, 1 главица кромид, сол и црн пипер по вкус, 1 јајце, 1 лажичка буковец, по потреба лебни трошки. За кромидарникот: 1 голема главица кромид, 2 чешниња лук, 2-3 суви пиперки, 200-300 г печурки, 1 лажичка брашно, ½ лажичка црвен пипер, вода по потреба, зачини по вкус.
Постапка: Кромидот ситно се сечка или се меле, па се меша со меленото месо (може и претходно малку да се запржи). Му се додава јајцето и другите зачини, па се замесува со рака за да се соединат состојките. Добиената смеса може веднаш да се формира во топчиња и да се пржи, но најдобро е да се остави во фрижидер да се излади и малку да се стегне, околу половина час.
Потоа со намастена дланки се прават ќофтињата и се запржуваат во умерено загреано масло, од двете страни додека да заруменат. За кромидарникот: Се сечка кромидот на крупно и се запржува со печурките и сувите пиперки (искршени или исечени на крупно).
Се додава лукчето за вкус и останатите состојки, се запржува со лажичка брашно, се запиперува, па се прелива со вода колку да се прекрие. Кромидарникот се претура во земјена тава или огноотпорен сад, се додаваат претходно пржените ќофтиња и се запекува во рерна. / Фотографија и рецептна Зорка Јанчева.
VI РЕЦЕПТ – Ќофте во ориз со младо кромитче и полиено со крем супа, многу вкусно јадење. Потребни состојки: 500 г мелено месо по избор, 1 јајце, 3 млади кромитчиња, 1 лажица сув зачин (вегета), 2 парчиња стар леб, малку млеко, малку црн пипер, 1,5 шолја од 250 мл ориз, 1 пилешка крем супа со печурки, 800 мл топла вода и 50 мл масло.
Постапка: Лебот издробете го и прелијте го со малку млеко па изгмечете го, да биде влажен, но не премногу. На меленото месо додадете му две сечкани млади кромитчиња, сув зачин, малку црн пипер и натопен леб. Измесете убаво и обликувајте ќофтиња.
Рерната вклучете ја на 200 степени. Во тепсијата налијте малку масло, па преку него наросете сечкано кромитче и ориз, да се покрие дното, па одозгора редете ги ќофтињата. Изматете ја крем супата ао 800 мл топла вода и прелијте преку ќофтињата.
Можеби ви се чини премногу вода, но не е, толку треба. Во рерната дел ќе испари а дел ќе го впие оризот. Ставете да се пече околу 90 минути на умерена температура и додека се пече потребно е да внимавате да не испари целата вода во меѓувреме и да ви излезе сув оризот. Ова многу зависи од рерната, но оваа количина е доволна за да излезе супер.
VII РЕЦЕПТ – Италијанско ќофте на македонски начин. Многу вкусно јадење – прсти да излижеш! Потребни состојки: 700 г мелено мешано месо, 1 јајце, 1 кесичка пармезан, 1/3 шолја (од 250 мл) лебни трошки, 1 лажица мелен лук (или ситно сечкан),
Потоа, 2 лажици сол, 1 лажичка црн пипер, ½ шолја млеко, ½ лажичка оригано, ¼ шолја сечкан свеж магдонос, готов италијански доматен сос во тегла од 500 г или сами направете сос од: 500 г доматно пире, 1 чешне лук или повеќе доколку сакате, 1 лажичка чили во прав, 1 лажичка мелен коријандер, сол и црн пипер по вкус.
Постапка: Во меленото месо додадете ги сите состојки и убаво измесете го да се соединат и да се измешаат вкусовите. Добиената смеса се остава во фрижидер да отстои два часа. Пригответе го сосот од домати: Пропржете го ситно исечканато лукче на малку масло.
Потоа додадете коријандер во зрно или малку мелен, чили во прав и сечканите домати од конзерва или доматно пире. Гответе 10-тина минути додека да се згусне сосот. Од смесата со месо вадете топчиња и спуштајте ги во доматниот сос. Гответе го јадењето околу еден час, односно додека ќофтињата да бидат сварени.
VIII РЕЦЕПТ – Вкусно медитеранско ќофте во тава со зеленчук – прсти да излижеш! Рецептот го објави нашата драга читателка Елица Павлоска во групата НМД рецепти. За ова вкусно јадење кое не издржавме и веднаш го испробавме, можеме да кажеме дека добива чиста десетка и спаѓа во оние јадења – “да си ги излижеш прстите”.
Ви благодариме драга Елица! Фотографија и рецепт на Елица Павлоска. Потребни состојки: околу 300 г мелено месо (јунешко или по избор), 1 главица кромид, 100 г ориз, 2 лажици сечкан магдонос, 3-4 лажици лебни трошки или парче леб претходно натопено во млеко, 1-2 јајца, црн пипер, сол и зачини по вкус, масло за пржење.
Зеленчук за во тавата: кромид, модар патлиџан, моркови, домат, пиперки, целер, компир. Постапка: Оваа постапка за правење на ќофтињата е само предлог, вие можете да ги приготвите според вашиот вообичаен начин. Кромидот ситно исечкајте го, па пропржете го на малку маслиново масло додека да застакли, па додадете половина од меленото месо.
Посолете и запиперете, па заедно пропржете уште малку додека месото да ја смени бојата. Тргнете на страна да излади. Сварете го оризот и сосем малку посолете го. Во длабок сад додадете го остатокот од меленото месо, изладениот ориз, смесата од месо и кромид, лебните трошки или парче леб, претходно натопено во млеко и исцедено,
Потоа, сечкан магдонос, сол, црн пипер и зачини како кумин или нешто по ваш вкус. Измесете ја смесата додека убаво да се поврзе. Оставете ја на ладно за да се стегне, па дури може и малку во замрзнувач ако немате многу време. Формирајте ги ќофтињата и запржете ги во умерено загреано масло.
Претходно можете малку да ги валкате во брашно (или брашно-матено јајце-брашно), но пред да ги спуштате во маслото истресете ги нежно од вишокот брашно за да не ви гори маслото. Зеленчукот за тавата се мие и се сече на крупни парчиња. Во тава се запржува малку кромидот, се додава морковот, модриот патлиџан, пиперки, домат, целер и компир, па се зачинува со црвен пипер.
Се динста кратко време, па се полева со вода колку да биде покриен зарзаватот. На крај се додаваат ќофтињата, се покрива со фолија и на тивок оган се пече во рерна околу два часа. Температурата се регулира според вашата рерна. Пред крај се вади фолијата и се допекува уште 10-тина минути.
IX РЕЦЕПТ – Сочно, вкусно и незаборавно: Ќофте на сосем поинаков начин! Совршена идеја за лесен неделен ручек. Препуштете му се на богатиот медитерански вкус со рецептот за запечено ќофте со моцарела и домати. Потребни состојки:
600 г мелено месо, 1 јајце, 1 подебело парче вчерашен леб, 125 мл млеко, ½ китка босилек, 2 главици кромид, 4 чешниња лук, сол, бибер, лажица оригано, 2 лажици маслиново масло, 150 мл слатко црно вино, 600 г домати на парче или од конзерва, 125 г моцарела.
Постапка: Лебот потопете го во млеко. Исечкајте го босилекот. Исечкајте го кромидот и лукчето. Исцедете го лебот, па промешајте го со месотот, додадете половина лукче, сол, бибер и промешајте со јајце. Со влажни раце формирајте топчиња и испржете ги на добро загреано масло.
Кромидот и преостанатата количина лук продинстајте ги на малку масло, па додадете вино. Оставете сосот да се динста толку колку да му се преполови количината. Додадете домат, оригано, сол и бибер. Гответе уште 10-тина минути. Наредете ги ќофтињата во огноотпорен сад, околу нив ставете парчиња моцарела, прелијте со сос од домати и запечете во рерна. Послужете со пире од компир.
X РЕЦЕПТ – ЌОФТЕ ВО ДОМАТЕН СОС брз, лесен ручек без пржење. Ручек – прсти да излижеш! Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 јајце, 1 главица кромид ситно сечкан, 1 чешне лук ситно сечкано, 2 лажици презли, 1 лажица вегета, 1 лажица масло, Сол, црн пипер, малку слатка пиперка.
За СОС: 500 мл доматен сос, 3 чаши вода, 50 мл масло, 3 лажици брашно, сол, 1 лажица шеќер, малку слатка пиперка. Постапка: Измешајте ги сите наведени состојки за ќофтето и оставете најмалку половина час во фрижидер, потоа обликувајте топчиња со величина по желба.
СОС: пропржете малку брашно на масло, додадете доматен сос, измешајте и полека додавајте вода, а потоа и зачини. Штом зоврие, додавајте едно по едно топче месо, намалете го огнот и гответе на умерена температура околу 40 минути. Послужете со компир пире. / recepti.com
XI РЕЦЕПТ – Селско месо на домашен начин во грне. Фотографија и рецепт на Анета Ане. Потребни состојки: 300 г свинско месо, 300 г телешко месо, 300 г пилешки стек, 300 г цели печурки (од тегла), 150 мл вино, 150 мл вода, 50 мл доматен сос, 1 зелена пиперка,
Потоа, 3 главици кромид, 3 чешниња лук, 2 поголеми компири, сол, црн пипер, сув зачин, буковец, 6 ленти кашкавал и 3 плескавици со кашкавал од кои се формираат мали ќофтенца. Постапка: Месото ситно го сечкаме и го зачинуваме со сол и црн пипер.
Во меѓувреме, го запржуваме кромидот на малку загреано масло, претходно ситно исечкан, па ја додаваме сечканата пиперка, па дури потоа го додаваме зачинетото и исечено месо. Го запржуваме и месото па додаваме на коцки исечкан компир и лукче, па уште малку се запржува и на крај ги додаваме печурките и доматниот сос.
Оставаме на оган да прокрчка уште 5 минути со внимателно промешување, па го додаваме виното, водата и зачините (сол, вегета, црн пипер, буковец) по желба. Одозгора ги редиме малите ќофтенца. Сета оваа смеса вака приготвена ја истураме во грне.
Ја поклопуваме и ја ставаме на печење во загреана рерна на 250 степени да крчка 2 часа, а потоа намалуваме на 200 и продолжуваме со готвење уште еден час. На крај го вадиме грнето, одозгора му ставаме кашкавал и го враќаме во рерната уште 15-тина минути или додека се растопи кашкавалот.
XII РЕЦЕПТ – Сочно ќофте: рецепт кој мора да го имате. Ќе го воодушеви секој гостин. Ова е познато старо македонско јадење. Потребни состојки: 500 г мелено месо, 1 кг кромид, 2 компири, 1 чешне лук, 1 лажичка црвен пипер во прав, 1 лажица доматно пире, 2 ловорови листови, сол и цен пипер по вкус.
Постапка: Кромидот исечкајте го ситно и пропржете го на малку маслиново масло. Додадете ловоров лист, доматно пире и црвен пипер. Динстајте додека кромидот да се омекне и распадне. Во меленото месо додадете ситно сечкано лукче и варен испасиран компир.
Правете ќофтиња и пропржете ги додека да заруменат. Пржените ќофтиња наредете ги во тепсија и прелијте ги со сосот од кромид. По желба можете да додадете уште дотен сос. Печете ги еден час во рерна загреана на 180 степени, под капак или фолија, а пред крај тргнете го капакот за да се запечат.