Ова е брза зимница, ама верувајте дека многу е вкусна. Јас сум порасната во дом во кој редовно се подготвуваше зиминица и имавме една голема просторија која од подот до плафонот беше исполнета со полици преполни со тегли.
Но, ова е сосем нов рецепт кој не потекнува од тефтерот на мајка ми, и морам да ви признаам дека сум воодушевена!
Потребни состојки: 10 кг пиперки, 400 г шеќер, 250 г сол, 1 кесичка винобран, 1 литар оцет (Киско). Постапка: пиперките многу убаво измијте ги, особено ако се неправилна форма или бабурести, во чии рабови може да се задржи скриена нечистотија…
Потоа пиперките исцедете ги и исчитете ги со петелките и семето. Исечете ги на осмини (или онака како што сакате да ги видите во вашата чинија. Значи обликот и големината на парчињата исклучиво зависи од вас).
Во еден посебен, подлабок сад измешајте ги шеќерот, солта и винобранот. Исечените пиперки ставете ги во поголем, пластичен широк сад, па рамномерно наросете ги одозгора со мешавината од сол, шеќер и винобран.
Потоа во садот налијте го оцетото. Темелно промешајте за да дојде до изедначување на состојките, за што најдобро е да се послужите со вашите раце. Зафатете добро, за да се почне да се раствораат шеќерот и солта.
Откако ќе завршите со мешањето, садот покријте го со памучна, чиста крпа и прицврстете ги добро рабовите, така да бидете сигурни дека во садот нема да падне ниту прашинка, а нема да влезе ниту некој инсект (мушички и сл.)
Вака треба да отстои цел еден ден. Во текот на тие 24 часа, барем 4-5 пати смесата треба темелно да се промеша и повторно да се заштити со памучната крпа (или некоја двојна газа ако имате).
По изминатото време започнете да ги полните стаклените тегли кои претходно сте ги стерилизирале во рерна на 100 степени околу половина, еден час. Откако ќе ги наполните теглите, одозгора ставете потиснувач.
Теглите добро и цврсто затворајте ги со метални капачиња кои пожелно е да бидат нови или барем пребришани со крпче натопено во а лкохол. Обидете се да ги сочувате додека да дојде зимата.
Кај нас речиси задолжително се отвара барем една тегла после една недела откако сум ги приготвила, а честопати се случува целата тура која сум ја направила да се изеде предвреме, па морам да правам нова, уште една тура.
Рецептот е одличен бидејќи нема готвење, ниту подварување на пиперките. Вака приготвените тегли смесетете ги на рафтовите помеѓу другата зимница и доколку е можно малку потскријте ги. / Сооlinarika.сom