Оваа смеса често ја правам за гости, но и за нас домашните за да се засладиме. Брзо и лесно се приготвува, а може да се прави во различни форми како триаголници, салама или бомбици.
Потребни состојки: 250 г шеќер, 100 мл вода, 150 г млеко во прав, 200 г кокос, 150 г кршени бисквити, 150 г суво грозје, 100 г сечкани ореви, од оваа смеса обично ми излегуваат две салами или една салама и една пирамида.
Постапка: на оган ставете 250 г шеќер со 100 мл вода, додека да зоврие и да се растопи шеќерот. Од моментот на зовривање треба да се внимава на времето – се остава да врие точно 7 минути на умерена температура.
Во друг сад ставете ги кршените бисквити (150 г), кокосот (200 г), сечканите ореви (100 г) и суво грозје (150 г). Се промешува за да се изедначат состојките.
После 7 минути шпинување на сирупот се трга од оган и постепено се додава млекото во прав (150 г), па се меша убаво со жица за да нема грутки.
Потоа се додава мешавината од суви состојки, па се замесува со рака. Од оваа смеса може да се прават бомбици кои ќе ги валкате во кокос, мелени ореви, рендано чоколадо или нешто по вкус.
За триаголници: обложете го калапот со проѕирна фолија, па нансете дел од смесата и убаво натапкајте ја.
Потоа наредете крем банани или желе бонбони, па поклопете со уште еден слој од смесата и затворете го калапот со фолијата. Оставете во фрижидер да се излади и стегне околу 1-2 часа.
Сите детали од приготвувањето можете да ги погледнете во видеото: