Некои ги нарекуваат и Кубанки зошто личат на пури. Многу се вкусни, излегуваат доста, на децата им се омилени.

Потребни состојки:

500 мл млеко
1 лажица шеќер
2 лажици сув квасец
1,5 лажичка сол
200 мл масло
950 г брашно

За премачкување:

1 жолчка
1 лажица масло
1 лажица млеко
сусам
3 лажици брашно
1 лажичка сол
вода

Постапка:

Во млако млеко ставете лажица шеќер и две лажици сув квасец и оставете околу 5 минути да се активира. Потоа додадете масло, сол и брашно. Замесете тесто и оставете да надојде.

Надојденото тесто поделете го на 24 топчиња. Секое топче тенко развлечете го во елипсовидна форма, па накосо свиткајте ја соленката како пура. Истото направете го и со другите топчиња.

Редете ги на плех обложен со хартија за печење. Изматете една жолчка, 1 лажица масло, 1 лажица млеко, премачкајте ги кифличките, наросете со сусам и оставете да киснат околу 30 минути.

Во еден сад ставете 3 лажици брашно, 1 лажичка сол и додадете вода за да добиете тесто густо како јогурт.

Кифличките печете ги на 180 степени, па кога ќе пожолтат шарајте ги со мешавината која претходно сте ја ставиле во шприц за украсување торти и колачи. Вратете во рерна и допечете.