Јунешки ребра, толку меки и сочни што нема да ви треба нoж за да ги ceчете бидејќи сами се одвојуваат од коската. Ова е еден предлог за ручек кој ги ocвојува сите. Толку вкусен и сочен ручек, што нема да може да му одолеете на вкусот. Потребни ви се само неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во кујна.

За оние кои сè уште не смилиле што да подготват денес за ручек, ова е одличен рецепт кој нема да ви одземе многу време. Јас ова го нарекувам дивеч со јунешки ребра, а можеби некој ќе го потсети на паприкаш или на ребра во сос.




Како и да го наречете овој ручек, не е важно името, туку неговиот вкус кој ќе ве воодушеви вас и вашите најблиски, а веројатно ќе бараат и следниот ден истото да го правите за ручек. Подгответе го овој ручек, кој не се пече и не бара посебно долго време за подготовка. Најпрво ќе ви олесни вам, бидејќи може да го подготвите за кратко време, а и не треба да валкате многу садови.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г јунешки ребра, 200 мл пиво, сок од 1 лимон, 2 главици кромид, 3 пиперки, 2 домати, 1 лута пиперка (по желба), 450 – 500 г печурки, 300 мл доматен сос, сол, црн пипер, вегета, масло, црвен пипер по вкус.




ПОСТАПКА: Најпрво исчистете го месото и исечете го на половина или третини секое ребро. Ставете го месото во подлабок сад и наросете со сол по желба. Потоа пресечете еден лимон и исцедете го сокот во месото. Малку со рацете поминете низ месото, за да може сокот и солта да се распоредат подеднакво на сите ребра.

Сокот од лимон ќе го зголеми богатиот вкус на месото и ќе се формира поубава кора при пржењето. Во тавче на рингла, ставете малку масло и почекајте да се загрее. Ребрата би требало да имаат повеќе маст на себе, па така нема да ви треба премногу масло за пржење. Кога ќе се загрее маслото, започнете со пржење на ребрата.




Пржете на пониска температура за да не прска маслото, а сокот од лимонот кој што преостанал во садот додајте го во тавчето каде што се пржат ребрата. Поклопете го тавчето со капак и оставете да се пржи месото околу 20 минути.

Во меѓувреме, почнете со подготовка на зеленчукот. Исечкајте ги кромидот и пиперките на ситни парчиња. Доматите исечкајте ги на покрупни парчиња за да не излезе сокот од нив.




Јас користев најразлични мешавини од печурки, а вие може исто да користите комбинација на печурки кои се продаваат во супермаркетите или само еден вид печурки. Ручекот на кој било начин ќе биде многу вкусен.

Валентина Машковиќ

Може да користите вргањ, лисичари, шампињони или шитаке печурки. По изминатото време на пржење на месото, ќе забележите дека останало без течност. Ова месо понекогаш може да биде тврдо, а за да бидете сигурни дека на крајот ќе излезе сочно и меко, ставете пиво во него и продолжете да го динстувате.




Оставете месото да омекне уште 20 минути додека пивото да исветрее. Откога ќе го подготвите месото, ставете го во друго тавче, а во тавчето каде што претходно го пржевте месото додајте ги зеленчуците. Најпрво во тавчето ставете го кромидот малку да се запржи.

Кога кромидот ќе омекне и ќе се карамелизира, додајте ги пиперките (и лутата и благата). Повремено промешувајте ја запршката. Додека се пржи зеленчукот, може да ги отстраните коските од ребрата. Месото е толку многу сочно што нема да ви треба н ож за да го издвојувате месото. Едноставно со еден потег само ќе се одвои од коските.




Потоа во тавчето со зеленчук додајте ги сечканите домати. На крајот, додајте ги печурките. Доколку ручекот го подготвувате со шампињони, почекајте доматот малку да омекне, па потоа додајте ги печурките.

Пропжете уште малку додека зеленчукот пушти вода и веднаш тргнете го од рингла и додајте го во тавчето каде што претходно ги ставивте ребрата. Додајте го доматниот сос, а зачините се додаваат пред крај.




Промешајте го доматниот сос низ целата смеса, а потоа поклопете со капак и оставете да се готви на ниска температура. После 20 минути, кога ќе забележите дека се формирал сок од зеленчукот и се крчка околу месото, може да ги додадете зачините по вкус.

Промешајте уште малку, а потоа поклопете го тавчето повторно со капак и оставете да крчка уште 5 – 10 минути заедно со зачините. Јас кога го правам овој ручек, секогаш печам и компири.




Ситно ги сечкам, ги зачинувам со најразлични зачини, што ќе ми се најде во кујната, додавам масло и ставам на печење. И децата ја обожаваат оваа комбинација, па како предлог ви кажувам и на вас.




По изминатите 10 минути, ручекот е готов. Значи, потребно е месото прво да се пржи околу 20 минути, потоа со пивото уште 20 минути, а со зеленчукот околу 20 – 30 минути. Одозгора како прилог може да наросите малку сув магдонос или целер врз месото. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.