Рецепт и видео презентација на Виолета од Летина Кујна – Старински ванилини кифли со џем од сливи – ќе ве вратат во детството. Понекогаш сакаме да се потсетиме на убавите мигови од безгрижното детство, а тоа најлесно и најбрзо се постигнува со враќање на познатите вкусови и мириси.
Потребни состојки: 250 г путер омекнат на собна температура, 1 прстофат сол, 1 јајце, рендана кора од половина лимон, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 чаша кисела павлака од 180 г, 1/2 кесичка прашок за печиво, 500 г брашно, малку џем од сливи за полнење и шеќер во прав за валкање.
Постапка: Во еден подлабок сад за матење ставете 250 г путер омекнат на собна температура. Пенасто изматете го со помош на електричен миксер, па додадете прстофат сол. Во путерот додадете и едно јајце, исто така отстојано на собна температура.
Продолжете со миксирање додека јајцето целосно да се соедини со путерот. Во изматената смеса додадете рендана кора од половина лимон, една кесичка ванилин шеќер и една чаша (од 180 г) кисела павлака. Добро изматете со миксерот додека да добиете хомогена смеса.
На крај во смесата додадете половина килограм просеано брашно и половина кесичка прашок за печиво. Сега веќе оставете го миксерот, а земете лажица или шпатула за мешање. Добро промешајте ја смесата дадека да се инкорпорира брашното во путер-смесата.
Откако добро ќе ги соедините состојките со шпатулата, замесете го тестото со рака додека тоа да стане компактно. Тестото поделете го на два еднакви делови, а секој дел малку премесете го и ставете го во обична кеса за замрзнување (или каква имате) и оставете го во фрижидер.
Тестото развлечете го малку преку кесата со помош на оклагија и оставете го во фрижидер околу половина час да се стегне и олади. Истата постапка повторете ја и со второто тесто. По изминатото време извадете ја едната кора врз малку набрашнета работна површина.
Наросете ја одозгора со брашно за да не се лепи, па со помош на оклагијата развлечете тенка кора. Врз кората на средина положете една голема чинија (што поголема) па исечете правилен круг. На овој начин ќе добиете совршени мали кифлички.
Овој чекор доколку сакате можете и да го прескокнете, односно да го поделите тестото на три или четири делови, да формирате топки па да развлекувате тркалезни кори, но на овој начин, кога ќе исечете совршен круг, од исечените триаголници добивате навистина еднакви малечки кифлички.
Остатокот од тестото кое останува надвор од кругот, соберете го и повторно искористете го за нова кора. Добиениот круг исечете го на осум еднакви триаголници, а на секој триаголник ставете по една лажичка џем од сливи или каков имате (на пошироката страна од триаголникот).
Виткајте ги кифличките и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Постапката повторете ја и со второто тесто. Рерната загрејте ја на 180 степени, а потоа ставете ги кифличките да се печат околу 20 до 25 минути, во зависност од вашата рерна.
Штом заруменат малку одозгора, вадете ги веднаш, значи дека се готови. Ако се меки кога се топли, тоа нека не ве буни, бидејќи така треба да бидат поради путерот. Кога ќе се оладат ќе се стврднат и ќе станат ровки. Печените кифлички оставете ги малку да подизладат.
Потоа, една по една кифличка обично валкајте ја во шеќер во прав (во кој можете да додадете и ванилин шеќер) и редете ги во чинија за послужување. Сите детали околу постапката ма приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.