Фото и рецепт: Beti Josi
Потребни состојки:
1 лажица маргарин/путер
3 лажици шеќер во прав
1200 мл млеко
200 г шеќер
120 г мелен ориз
30 г нишесте
2 ванилин шеќер
Малку цимет
Овошен сос или слатко
Подготовка:
Казандиби е турски рецепт кој потсетува на крем бруле, со специфичен начин на подготовка на рингла, а овој прилагоден и поедноставан во рерна кој дава ист резултат.
Садот во кој ќе се пече треба да е отприлика 26см. Всушност јас овде не печев во стандарден и класичен сад за печење, туку имам еден метален сад со тенки ѕидови кој отприлика е меѓу 24 и 26 см со солидна длабочина.
Значи, отприлика одберете си го видот на садот, па може и форма да има, иако оригинално Турците најчесто го прават во тепсија или 4 аголна тава.
Садот со маргаринот убаво се премачкува насекаде, па се тура шеќерот. Иако по рецептот се бара шеќер во прав, сметам дека шеќер кристал можеби подобро термички ќе се карамелизира (ќе пробам следен пат), а исто така сметам дека оваа постапка може и на ринглата да се изведе.
Садот се става во рерна загреана на 180 степени и се пече 7-8 минути да се стопи и карамелизира шеќерот. Потоа се додава малку цимет (не повеќе од половина лажиче) и се остава да излади.
Во меѓувреме во тенџере на рингла се става дел од млекото со шеќерот да се вари, а со останатиот дел се раствораат мелениот ориз, нишестето и ванилите кои се додаваат во загреаното млеко и се вари крем како пудинг.
Кремот се истура врз карамелот во садот, се става кратко време (околу минута) на не многу силна рингла. Доколку шлапкаат меури со дел од карамел содржината – не се плашете. Потоа ставете го во рерна чија температура сте ја намалиле на 160 степени и печете 30 минути.
Печениот десерт од рерна ставете го директно во сад со ладна вода во кој ќе го собери да ги покрива ѕидовите и така оставете го 10 минути. На овој начин десертот ќе си ја добие потребната кремаста структура.
Десертот се остава во фрижидер најмалку неколку часа или преку ноќ, па се превртува врз рамна чинија и се послужува со овошен сос или слатко, а кој сака може да додаде и уште цимет.
Фото и рецепт: Beti Josi
Напомена: мелениот ориз го има пакуван во маркетите и воопшто не е скап, а можете и вие да си сомелите доколку имате добра мелница.