Рецепт и видео презентација на Бојана Цветковиќ од “Бокина кујна” – Катарина торта. Денес повторно ќе направам една старинска, фантастична торта, Катарина торта. Оваа торта има три кори, ванилин крем, а во неа има и чоколадо, и ореви и суво грозје и други вкусни намирници.
Со оглед на тоа дека тортата има повеќе состојки, јас ќе ви покажувам чекор по чекор, како да ја приготвите оваа раскошна торта. Потребно е да се направат две исти кори, а за една кора се потребни следниве состојки: 3 цели јајца (потоа се одвојуваат белките од жолчките), 3 лажици шеќер, 6 лажици мелени ореви, 1 лажица брашно, 2 лажици рендано чоколадо (или ако немате чоколадо може какао).
Од овие состојки се прави една кора, па потоа од иста количина на состојки се прави и втората кора. За третата кора ќе ви објаснам дополнително, таа се прави малку поинаку. Постапка: Кога правите било која торта, еве еден совет за помладите домаќинки кои можеби ова не го знаат – оставете ги јајцата барем еден час да отстојат на собна температура, за да биде бисквитот поубав.
Одвојте ги белките од жолчките и со помош на електричен миксер пенасто изматете ги белките во цврст снег. Жолчките ставете ги во посебен сад и веднаш во нив додадете го шеќерот. Исто како и белките, со помош на миксер пенасто изматете ги додека да побелат и да се растопи шеќерот.
Во изматените жолчки додадете го брашното (поубаво е ако се просее), ренданото чоколадо и внимателно промешајте со лажица или миксер за да се соединат состојките. Откако ќе се изедначи смесата оставете го миксерот, а снегот од белки додадете го во изматените жолчки.
Промешајте со лажица или шпатула внимателно, со превртување на смесата за да се соединат двете смеси. На крај додадете ги мелените ореви и на ист начин промешајте. Добиената смеса рамномерно распоредете ја во калап обложен со хартија а обрачот намастен со путер, со пречник од 26 см и израмнете.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Ставете да се пече првата кора во загреаната рерна околу 5 минути, па намалете ја температурата на 160 степени и печете уште 15 минути (вкуспно 20 минути). За тоа време пригответе ја и втората кора.
Бисквитот е печен кога малку ќе зарумени на краевите и ќе почне да се одвојува од калапот. Извадете го од калапот и оставете го на решетка да се лади, па отстранете ја хартијата. Кога ќе ја испечете и втората кора, ставете ги еден преку друг двата бисквита, додека ја приготвувате третата кора.
За третата кора ќе ви бидат потребни следните состојки: 5 белки (жолчките ќе останати за филот), 150 г шеќер, 150 г крупно сечкани ореви, 100 г суво грозје, 4 лажици брашно и 2 лажици масло. Постапка: белките цврсто изматете ги со постепено додавање на шеќерот.
Матете додека шеќерот да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Кога ќе ги изматите белките во снегот додадете масло и само уште малку изматете за да се соедини. Потоа додадете ги и сувите состојки кои се мешаат внимателно со лажица за да остане смесата пенлива и воздушеста.
Прво додадете го просеаното брашно и оревите, промешајте, па на крај додадете го и сувото грозје (не треба да се натопува претходно). Добиената смеса рамномерно распоредете ја во истиот калап, претходно обложен со хартија и обрачот намастен со путер.
Израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени 10 минути, а потоа намалете ја температурата на 150 степени уште 20 минути (вкупно половина час). Оваа кора потребно е повеќе да суши отколку да се пече. Извадете ја кората од калапот и ставете ја преку претходно испечените две кори.
За фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 5 жолчки и 2 цели јајца, 8 лажици шеќер, 3 кесички ванилин шеќер, 200 г путер или маргарин и 3 лажици шеќер во прав. Постапка: Во подлабок сад ставете ги жолчките заедно со двете јајца, додадете шеќер и ванилин шеќер.
Потребно е малку подолго да матите со миксерот додека шеќерот да се растопи и да добиете густа, кремозна смеса. Потоа садот со изматените жолчки ставете го врз тенџере во кое врие вода и сварете го кремот со постојано мешање. Филот е потребно да се готви околу 15-тина минути.
Сварениот крем оставете го на страна целосно да се олади. Путерот омекнат на собна температура пенасто изматете го со три лажици шеќер во прав. Потоа во путерот постепено започнете да го додавате ладниот крем и матете со миксерот додека убаво да се соединат.
За да бидат корите сочни, направете шеќерен сируп-прелив со кој ќе ги натопиме првите две кори: на оган во тенџере ставете 150 мл вода, 2 лажици полни шеќер. Откако ќе зоврие оставете околу половина минута колку да се растопи шеќерот. Филување:
На тацната за послужување ставете ја првата кора која ја испековте. Преку неа рамномерно прелијте со половина од приготвениот сируп. Потоа нанесете третина од филот, распоредете и израмнете па поклопете со кората од белки. Нанесете повторно фил и израмнете, па нанесете ја последната кора, па и неа натопете ја со преливот.
Одозгора премачкјате со преостанатиот фил, израмнете од сите страни и одзгора наросете ја со мелени ореви и рендана чоколада. Пред послужување тортата е добро да ја изладите бареме еден ден или преку ноќ. Сите детали околу постапката за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.