Веројатно сте чуле за хељдата, но можеби сè уште не сте имале шанса да ја пробате. Без разлика дали е во семе или сомелена во брашно, хељдата е исклучително квалитетна храна што ја збогатува нашата исхрана, има позитивен ефект врз нашето здравје и генерално придонесува за зголемување на квалитетот на животот.
Хељдата е нутриционистички многу квалитетна псевдо житарица. Содржи есенцијални аминокиселини кои помагаат во намалување на нивото на холестерол во крвта и нормализирање на високиот кр-вен притисок. Богата е со растителни влакна кои го регулираат варењето на храната, а покрај тоа, хељдата е одличен извор на минерали, особено фосфор, магнезиум, железо и цинк.
Минералите од зготвената хељда се апсорбираат полесно отколку минералите од зрната и семето. Хељдата има и најголем процент антиоксиданти меѓу житарките, а со нејзина консумација се намалува ризикот од рак, дијабетес и срцеви заболувања.
Хељдата е вкусна и има многу разновидна примена
Хељдата може да се приготвува на различни начини, а може да се користи и во солени и во слатки јадења. Се подготвува на ист начин како и оризот и затоа е одлична во комбинација со зеленчук или месо, како гарнир или главно јадење. Има неутрален вкус, па затоа е идеална како додаток во оброците на децата, особено во форма на каша со јогурт, мед и свежо овошје.
Од друга страна, хељдата има специфичен вкус на орев и може да се користи во подготовка на леб, печива од тесто, палачинки и на многу други начини како замена за пченично брашно или во комбинација со други видови брашна. Зрното од хељда се користи за правење вкусен лековит чај.
Хељдата не содржи глутен
Како што споменавме на почетокот, хељдата припаѓа во псевдо-житните култури, што значи дека, иако е класифицирана како житарица во готвењето и се подготвува на сличен начин, таа е всушност тревна билка. Не содржи глутен затоа е одличен избор за луѓе кои се алергични на глутен или имаат нетолеранција.
Се препорачува да се воведе во исхраната на луѓе склони кон хроничен замор, хиперактивност, ненадејни промени во расположението или проблеми со варењето на храната, имајќи предвид дека потрошувачката на храна богата со глутен е поврзана и може да ги влоши овие состојби.
Подобро здравје на срцето
Клиничките студии покажуваат дека јадењето хељда го намалува хроничното воспаление и нивоата на холестеролот во кр-вта, превенирајќи од повеќе срцеви заболувања. Oсвен во намалување на холестеролот, може да помогне и во намалувањето на шеќерот и мастите во кр-вта кои се особено важни параметри за кардиоваскуларното здравје.
Овие импресивни дејства на хељдата се поврзуваат со нејзиниот состав: антиоксиданти (рутин и кверцетин), фитонутриентите лигнани, растителните влакна и минералите, како магнезиум и калиум. Моќниот антиоксидант рутин може да придонесе и за намалување на кр-вниот притисок, додека кверцетинот од хељдата истражувањата го поврзуваат со подобрен липиден профил, намалување на кр-вниот притисок и телесната тежина.
Има антивоспалително дејство
Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.
Кај хељдата се утврдени низа фенолни антиоксиданти кои придонесуваат за превенцијата од малигни заболувања (превенираат од лоша, неправилна делба поради оштетување на ДНК молекулите), но и од оксидативните оштетувања на кардиоваскуларниот систем, црниот дроб, дигестијата, па дури и на мозокот.
Други моќни антиоксидативни компоненти утврдени кај хељда семето се: рутин, кверцетин, хлорогенична киселина, ориентин, изоориентин, витексин, изовитексин, танински материи итн.
Одлична храна за слабеење, за дигестивното здравје, но и за пациентите со дијабет
Хељдата е богат извор на сложени јаглехидрати, протеини и растителни влакна. Сложените јаглехидрати од храната, речиси секогаш одат заедно со поголеми количества растителни влакна. Тоа значи дека тие подолг период ќе се варат во дигестивниот систем и постепено ќе навлегува во кр-вотокот.
Ова освен што ќе превенира шеќерни пикови, што би значело дека хељдата е одличен избор при дијабет, ќе обезбеди и подолги периоди на заситеност, што е клучно во процесот на слабеење. Дополнително, рутинот одредени истражувања го поврзуваат со намалена инсулинска резистентнтност и стабилни шеќерни нивоа.
Од друга страна, јадењето храна богата со протеини, исто така поттикнува продолжено чувство на ситост, преку супресирање на т.н. хормон на гладта – грелин. Хељдата содржи протеини со уникатен аминокиселински состав. Имено, нејзините аминокиселини лизин и аргинин се доста ретки помеѓу другите видови на семиња и полнозрнести производи.
Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на диетални влакна во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.
Дополнително, оваа храна е погодна и за лицата со целијакија, бидејќи не содржи глутен. Новите истражувања утврдуваат дека претходно споменатиот рутин, може да помогне дури и во третманот на заболувањата, како Алцхајмер.
Одличен извор на важни минерали
Иако не е посебно богата со витамини, хељдата содржи значително поголеми количества минерали од житарките, како ориз, пченица и пченка. Во споредба со минералите во повеќето житарки, оние од хељдата многу подобро се апсорбираат во дигестивниот тракт. Причината е ниската содржина на фитична киселина кај хељдата, која е најчестиот инхибитор (спречувач) на апсорпцијата на значајните нутриенти од храната.
Намален ризик од развој на камчиња во жолчката
Повеќето студии покажуваат дека јадењето храна богата со нерастворливи растителни влакна, како што е хељдата, значително помага во превенирањето од камчиња во жочката. Истражувачите сметаат дека нерастворливите растителни влакна помагаат во превенцијата од појавата на камчиња преку подобрувањето на цревната перистатика (движењето на храната низ цревата), но и преку намалувањето на лачењето жолчни киселини – вишокот од овие киселини поттикнува формирање камчиња.
I рецепт: Kаша со хељда која спасува живот, спречува деблеење и го штити организмот од малигни болести. Рецепти на Бонапетит.рс
Потребни состојки: вода, сол, брашно од хељда
Подготовка: Ставете вода во еден сад, додадете малку сол и оставете да зоврие. Кога ќе зоврие, тргнете од шпоретот и додадете го хељдиното брашно. Мешајте додека не добиете хомогена смеса. Во ваквата каша можете да додадете сирење, кајмак, јогурт, останати семиња (ореви, семки од тиква, семки од сончоглед) или можете да направите слатка каша од мед, суво грозје и брусници.
II рецепт: Хељда со брокула
Потребни состојки: 1 шолја хељда, 1 главица кромид, 1 морков, 1/2 мали главици брокула, 100 г маслинки без семка, 1 коцка за супа, 500 мл вода, малку сечкан магдонос
Подготовка: Кромидот и морковот се сечат на коцки, а брокулата е поделена на мали издолжени гранки. На загреано масло пропршете го кромидот и морковите. Истурете две чаши вода и оставете да зоврие, а потоа додадете коцка супа.
Додадете ја брокулата и варете додека да омекне. Потоа се додава измиената хељда. Доколку е потребно, додадете повеќе сол. Кога хељдата ќе се зготви, додадете ги маслинките и малку сечкан магдонос. Добро промешајте и смесата е подготвена за сервирање. Доколку немате брокула, може да направите витаминска салата од хељда, пченка и грашок.
III рецепт: Брзи и лесни крокети од хељда
Потребни состојки: 200 г хељда, 400 мл вода, 2 главици кромид, прсофат сол, масло за пржење.
Подготовка: Сварете ја хељдата во солена зовриена вода со постојано мешање. Потоа изблендирајте го кромидот, а откога ќе се излади сварената хељда соединете ја со кромидот. Вака подготвената смеса ставете ја во фрижидер малку да се стврдне, а потоа формирајте крокети и печете ги на претходно загреано масло. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.