Комбинацијата од сирење, јајца и зеленчук е совршена за едноставен и вкусен ручек за целото семејство. Ова јадење се прави од намирници што повеќето луѓе веќе ги имаат во фрижидер.

Подгответе си го овој едноставен ручек, што сите ќе бараат да го повторите. Ова јадење содржи компири, брокула, пиперки, домати, а потоа се прелива со ароматична смеса од јајца и се наросува со два вида сирење. Маж ми го обожава ова јадење, бидејќи е лесно и не прави тешко на стомакот.




Покрај тоа е многу вкусно и нутритивно бидејќи сите состојки кои се користат се многу здрави. Питата може да ја правите со различен вид на зеленчук, некои намирници да ги ставите во поголема количина, а некои во помала, во зависност од тоа што преферирате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: 1 брокула, 1 пиперка, малку мајчина душица за вкус, 4 компири, малку путер, маслиново масло за подмачкување, 1 главица кромид, 5 јајца, 4-5 лажици грчки јогурт/павлака, 1-2 чешниња лук, 8 парчиња чери домати, 80 г моцарела, 80 г тврд кашкавал.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: 450 г карфиол, 300 г брокула, 1 лажичка кари, 1 главица кромид, 1 морков, 2 пиперки (жолта и црвена), 250 г чери домати, 5 јајца, 200 мл крем за готвење, 100 г брашно, 1 китка магдонос, 70 г тврд кашкавал.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Брокулата исечкајте ја на помали цветчиња, а на пиперката отстранете ја дршката и исечкајте ја на ленти. Потоа наредете го зеленчукот во плех подмачкан со масло, па посолете и зачинете со мајчина душица. Измешајте го зеленчукот и печете во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 10 минути.




Во меѓувреме, излупете ги компирите и исечкајте ги на ситни коцки, а потоа пропржете ги на врело масло или путер, околу 10-15 минути. Додајте го сечканиот кромид. Зачинете со сол и црн пипер. Настрана, изматете ги јајцата во подлабок сад, а потоа додајте грчки јогурт/павлака, мелено лукче и сол. Добро измешајте.




Извадете го садот со брокулата и пиперката од рерна, а потоа прелијте со компирите и измешајте. Наредете ги преполовените чери домати и исечканите парчиња моцарела. Прелијте ја смесата со јајцата. Одозгора наросете со рендано, тврдо сирење и вратете го плехот во рерна и допечете на истата температура (200°C) уште 15 минути.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Вториот рецепт е многу сличен на првиот, разликата е во неколку состојки. Карфиолот и брокулата исечкајте ги на цветчиња, а потоа кратко бланширајте ги во вода. За бланширање на карфиолот и брокулата, ставете тенџере со вода на рингла да зоврие, а настрана подгответе сад со ладна вода.

ВТОР РЕЦЕПТ




Карфиолот и брокулата се ставаат во зовриената вода и се бланшираат околу 2 минути во зависност од големината. Потоа, извадете го зеленчукот со решеткаста лажица и потопете го во садот со ладена вода да отстои 30 секунди. Се процедуваат и се става во подмачкан, огноотпорен сад.




На масло пропржете ги исечканите кромид и морков, а кога зеленчукот ќе омекне додајте ги во садот карфиолот и брокулата. Промешајте, па додајте ги исечените пиперки на ленти и чери доматите исечени на половина.




ЗА СМЕСАТА: Во јајцата додајте сол, црн пипер и кари, па соединете. Потоа истурете го кремот за готвење, брашното и сечканиот магдонос. Сѐ добро измешајте, па прелијте врз зеленчукот. Наросете со рендано сирење, па печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35-40 минути.