Потребни состојки:

1 карфиол со средна величина или 2 помали

Презла

Зачинска сол или вегета, сол по избор

Црвен пипер, црн пипер по вкус

1-2 јајца (во зависност од тоа колку имате карфиол)

200 – 250 мл кисела павлака (и ова зависи од количината на карфиолот)

150 г тврд кашкавал

Постапка:

Карфиолот разделете го на цветчиња (секако измијте ги), а потоа ставете ги во посолена (зачинета) зовриена вода. Варете ги околу 10 минути. Готов е кога со вилјушка можете да го прободете а да не се распаѓа.

Дното на огноотпорен сад со соодветна величина, наросете го со презла во тенок слој. Потребно е само толку колку да се впие вишокот течности.

Сварениот карфиол наредете го врз презлата, и иако ќе ви делува дека на места е влажна а на места сува, не грижете се, кога ќе дојде преливот, се’ ќе биде одлично!

За прелив добро изматете ја павлаката, јајцето и зачините.

Секој цвет од карфиол малку засечете го со лажица за да може преливот секаде да навлезе. Така ќе добиете полн вкус со секој залак.

Рамномерно со лажица распоредете го преливот преку карфиолот.

На крупно изрендајте кашкавал и во тенок слој наросете презла, а потоа зачинете со малку црвен пипер.

Печете на 200 степени околу 25 минути, додека преливот да добие златна боја.