Овие ситни колачи се многу вкусни, а излегуваат колку за цело соседство. Се прават од само неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот и нема да ви бидат потребни во голема количина. Можете да си ги направите во секој период и да се засладите со овие превкусни колачиња.
Ги обожаваат сите, од најмлади до најстари. Не ги сакаат само децата, и возрасните беа воодушевени од нив и веднаш ми побараа рецепт. Додека се печат мирисаат дури до соседите, а се приготвуваат многу лесно и брзо, од неколку состојки кои веќе ги имате во кујната. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 320 г меко пченично брашно, 2 јајца, 50 г шеќер, 80 г путер, 80 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 супени лажици засладено какао или Несквик, прстофат сол, половина лажичка прашок за печиво, кикирики. ЗА ПРЕЛИВ: 70 г шеќер, 60 г бело чоколадо, 60 мл вода.
ПОСТАПКА: Јајцата и путерот оставете ги кратко време да отстојат на собна температура пред да почнете со подготовка на ситните колачи. Во еден сад скршете го едното јајце. Од второто јајце одделете ја белката настрана, а жолчката додајте ја во првото јајце. Додајте ја солта, ванилиниот и обичниот шеќер, па соединете.
Белката сочувајте ја во фрижидер, бидејќи ќе ви биде потребна за подоцна. Во смесата додајте го Несквикот или засладеното какао, маслото и путерот. Измешајте ги сите состојки до соединување. На крајот се додава брашното заедно со прашокот за печиво и смесата се замесува во фино компактно тесто кое лесно се обликува.
Кикириките исечкајте ги ситно, но може да користите и било кои други јаткасти плодови. Колачите убаво би оделе и со ореви. Од соединетото тесто кинете мали парчиња и со дланките формирајте топчиња.
Секое топче валкајте го прво во белката која ја тргнавте настрана, па во сечканите кикирики и на средина направете вдлабнатина како што е прикажано на видеото подолу. Колачите редете ги плех со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20 минути.
Во меѓувреме подгответе го преливот: растопете го шеќерот во тенџере додека се карамелизира и стане течен. Постепено започнете да ја додавате водата со постојано мешање до соединување додека шербетот малку да се разреди. На крајот се трга од рингла по 5 минути варење и се додава белото чоколадо и се меша додека да се растопи.
Карамелот ставете го во кујнски шприц и филувајте ги колачињата во вдлабнатината која претходно ја направивте. Одозгора може да декорирате со неколку линии бело чоколадо. Оставете малку колачите да се стегнат и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.