Овој рецепт за ручек ми го кажа мајка ми преку телефон кога го видела на некој утрински канал. Многу ми се допадна идејата, а покрај тоа е многу брзо и практично. Малку потсетува на лазањи, но ова е поубаво – чисто совршенство.
Ќе го објаснам рецептот постапно прво како го подготвувам тестото за палачинки, па филот со мелено месо и последно белиот сос, т.н. бешамел сос кој ми е многу убав, по овој рецепт ми излегува совршена густината.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО ЗА ПАЛАЧИНКИ: 1 чаша бело и меко брашно (130 г), 5 г гранулиран шеќер (1 мала лажичка), 1 мала лажичка сол (3 г), 2 големи лажици масло, 300 мл млеко или 1,5 чаша.
ПОСТАПКА: Прво се мешаат сувите состојки, брашно, сол и шеќер во сад со жица-маталка, па се додава маслото, повторно се промешува и на крај се додава млекото. Смесата убаво се соединува за да се разреди брашното, да не остане на некое место како топче.
Смесата може веднаш да се стави на печење, не е потребно да се чека, но ако имате време може да ја ставите во фрижидер на 1 час. Ако не приметивте во подготовка на овие палачинки нема јајца, но излегуваат подеднакво добри како и останатите.
Се печат во специјално тавче за палачинки, по 1 минути од секоја страна додека да зарумени, а пред да ставите 1 кутлача од смесата во тавчето, намастувајте го со салфетка на која сте ставиле малку масло. Печените палачинки ставете ги настрана додека го подготвувате филот.
За филот ќе ви бидат потребни: 3 супени лажици масло, 1 главица кромид, 3 долги зелени пиперки, 600 г мелено телешко месо, 1 домат, сол, црн и црвен пипер за наросување, мајчина душица…
ПОСТАПКА: Ставете го маслото во тавче на рингла да се загрее. Ситно исечкајте го кромидот и ставете го да се пржи во загреаното масло. Пржете додека да омекне и почнува да се топи. Исечкајте ги зелените пиперки и додајте ги во кромидот, па потоа и телешкото месо.
Месото гответе го додека да посиви, а пред крајот додајте 1 ситно сечкан домат и зачинете по вкус со набројаните зачини. Тргнете од рингла кога ќе испари течноста од доматите. Земете еден огноотпорен сад и намастете го. Во мала длабока чинија ставете 1 палачинка и во неа додајте 1 лажица од филот.
Потоа добро затворете ја од сите страни како коцка и ставете ја во садот. Вака направете и со останатите палачинки додека да ви се потрошат состојките. Палачинки излегуваат доволно колку за 1 богат ручер. На крајот направете го бешамел сосот:
80 г путер растопете во тенџере на рингла и додајте 90 г брашно. Мешајте додека да се формира смеса слична на пире. Потоа прелијте со 600 мл млеко и зачинете со сол и црн пипер. Гответе додека смесата убаво да се згусне.
Бешамел сосот прелијте го врз полнетите палачинки во садот за печење и одозгора наросете со 100 г чедар кашкавал, ситно сечкан магдонос. Ставете да се пече на 180 степени околу половина час. Послужете топло. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.