Ова е еден многу лесен колач кој се приготвува брзо и без печење. Љубителите на јафа колачот ќе бидат воодушевени со овој рецепт, зашто не само што е вкусен, туку може да се послужи и за свечени пригоди, како торта или како колач.
За овој колач може да се каже дека е вид на чизкејк, од оние брзите кои се приготвуваат со бисквитна подлога и без печење на кремот, а неговата специфичност се јафа кексите (или познати како „ресана“ кекси) кои претставуваат негова рамка, па поради нив го добил и тоа име.
Одличен е за кога ќе ви дојдат ненајавени гости или кога немате многу време, а сакате да ги изненадите со нешто домашно и вкусно, а најмладите секако ќе го обожаваат овој десерт. Толку едноставно се приготвува што можете да го направите заедно со своите деца или внуци. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц или било кое друго свежо, несолено сирење), 600 + 60 мл слатка павлака за шлаг, 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 200 г мелени бисквити, 100 г путер омекнат на собна температура, 200 г јафа кекси, 140 г чоколадо
ПОСТАПКА: Сомелете ги бисквитите, а може да користите и мелена плазма, по избор. Додајте несолен путер омекнат на собна температура и добро измешајте го, прво со лажица/шпатула, а потоа истријте го низ прсти додека да добиете гранулеста структура.
Доколку ви е полесно, путерот можете да го растопите во микробранова печка или на тивок оган, па да го соединете со мелените бисквити. Смесата распоредете ја рамномерно на дното од калап 22х16 см или со слични димензии. Добро притиснете со лажица или со дното на чаша за да се израмни.
По ѕидовите на садот наредете јафа кекси како обрач. Во посебен сад пенасто изматете го крем сирењето заедно со шеќерот и ванилин шеќерот. Треба да добиете мека и кремаста смеса. Во друг подлабок сад сипете ја ладната слатка павлака (600 мл) и пенасто изматете ја со миксер додека да добиете шлаг.
Шлагот постепено додавајте го во крем сирењето лажица по лажица и мешајте рачно додека да се соединат во нежна, кремаста структура. Сиот крем истресете го врз бисквитната основа, распоредете и израмнете, па ставете во замрзнувач да се стегне 1 час.
Остатокот од слатката павлака загрејте го на тивок оган, но внимавајте да не ви проврие, зашто ќе го промени вкусот. Додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се изедначи. Оставете минутка да подизлади, па прелијте ја глазурата врз колачот, израмнете и вратете во фрижидер уште 15 минути за да се стегне. Деталите погледнете ги ОВДЕ.