Знам дека сите ќе ве воодушеви оваа салата која можете да си ја приготвувате за зимница многу лесно и на едноставен налин. Потребните состојки се истите како и за летна салата: домат, пиперка, краставица, кромид, лук и магдонос. Совршена шарена салата, пастеризирана и без конзерванси – Тања.
Потребни состојки: 1 кг свежи краставици, 4 крупни пиперки (2 црвени, 2 зелени), 4 главици кромид, 1 главица црвен кромид, 10-тина чешниња лук, 2,5 кг домати, две китки свеж магдонос, 150 мл масло, 2 полни супени лажици сол, по една лажичка шеќер за секоја тегла и по една лажичка ал-кохолна киселина 9%
Постапка: краставиците убаво измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги, па исечете ги на тенки тркалца, исто како кога правите летна салата. Исечените краставици ставете ги во еден подлабок сад.
Потоа пиперките (исто така измиени и пребришани) исечете ги на тенки ленти, па додајте ги во тркалцата од краставици. Главиците кромид убаво исчистете ги од надворешната лушпа и измијте ги, а потоа и нив исечете ги на ленти. Додајте го во преостанатиот зеленчук.
Исчистете десетина чешниња лук, па исечкајте ги на ливчиња. Додајте го во садот. Доматите убаво измијте ги под млаз ладна вода, отстранете им го средишниот тврд дел, па исечете ги на шестинки или на парчиња со големина по ваша желба.
Двете китки свеж магдонос измијте ги и исцедете ги, потоа исечкајте ги ситно и додајте ги кај преостанатиот зеленчук. Одозгора прелијте 150 мл масло за готвење и две полни супени лажици сол.
Со помош на решеткаста лажица убаво промешајте ги сите состојки за да може рамномерно да се распоредат. Откако добро ќе ја промешајте салатата, оставете ја еден час да отстои покриена со газа или некој капак. За тоа време зеленчукот ќе го испушти својот сок.
После еден час можете да ги полните стаклените тегли, претходно убаво измиени и стерилизирани. Додека ги полните теглите малку притиснете и израмнете за да може рамномерно да се распореди.
Кога ќе ја наполните теглата, одозгора малку притиснете ја со лажицата и израмнете, па преминете во полнење на останатите тегли. Преостанатиот сок кој ќе остане во садот, рамномерно распоредете го во секоја од теглите.
Теглите исполнете ги со сок колку што можете повеќе, до врв. Не ги затворајте веднаш теглите, туку оставете ги малку да „слегнат“ за да видите дали некаде е потребно да се достави уште малку сок.
Кога и ова ќе го завршите започнете ја подготовката за пастеризација: Во големо и широко тенџере ставете крпа, па внатре редете ги теглите (затворете ги со капак, но не премногу силно, зошто подоцна ќе треба пак да се отворат).
Откако ќе ги наредите теглите, наполнете вода, да бидат две третини потопени во неа (не до врв, зошто не се убаво затворени), па ставете ги на оган да зоврие, па од моментот на вриење намалете ја температурата и варете уште 35 минути (вкупно 40 минути на 70 степени).
Откако ќе заврши пастеризацијата, секоја тегла отворете ја и ставете по една лажичка шеќер и по една лажичка ал-кохолна киселина 9%. После ова теглите може добро да се затворат со металниот капак.
Затворените тегли оставете ги да се оладат, а потоа складирајте ги на некое темно и ладно место да ја дочекаат зимата. Сите деталите од постапката за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.