„Затоа се нарекува ‘магичен‘ колач“, попусто ги уверував пријателките кога ги поканив на кафе , да се засладиме со новиот „Абракадабра“ колач. Всушност овој рецепт не е нов, којзнае од кога датира, но јас првпат го испробав според упатствата на Драгана Ѓорѓевиќ и бев многу воодушевена од резултатот.
Кога им кажав дека сите состојки се мешаат во една смеса и дека таа смеса потоа само се излева во калапот и се пече, пријателките само ми се насмеаја и ме прашаа: „А, филот? а другата кора? Сè посебно правеше, па соединуваше?“
После еден час полемика, станав и одлучив да им ја демонстрирам целата постапка, па така испеков уште еден колач. Погодувате, тие беа воодушевени како што бев и јас за првпат, и сè уште погодуваат како е возможно да се добие еден таков вкусен, слоевит колач а од една смеса. Еве ја мојата препоставка:
Веројатно, овде физиката замешува прсти, па бидејќи состојките имаат различна тежина и густина, тие во текот на печење се одвојуваат и на тој начин се добиваат слоевите. Макот на пример, иако е мелен, сепак е најтежок и паѓа на дното, а јајцата остануваат на средина и тие го оформуваат „филот“. Како и да е, еве што ви е потребно за овој колач:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 150 г шеќер, 100 г брашно, 200 г мак (мелено семе од афион), 125 г растопен путер/маргарин, 5 супени лажици вода, 500 мл млеко, кора и сок од еден лимон и 2 супени лажици рум (лимонот и румот се додаваат по вкус)
ПОСТАПКА:Во посебни садови одделете ги белките од жолчките. Добро изматете ги жолчките додека да побелат, да станат кремасти, а шеќерот да се растопи (околу 5 минути матење со миксер). Потоа по ред започнете да ги додавате сите останати состојки, освен сокот од лимон.
Мешајте полека и внимателно. Во друг сад, пенасто изматете ги белките (со чисти и суви маталки), па кога ќе згуснат постепено додајте го сокот од лимон. продолжете да матите додека да добиете навистина цврст снег. Потоа лажица по лажица додавајте го во смесата од жолчки и внимателно мешајте за да се сочува пенливоста на мешавината.
Плехот премачкајте го само со путер или маргарин, но не го наросувајте со брашно, за да биде поуспешно одделувањето на слоевите. калапот треба да биде со величина од 30х20 см или приближно.
Рерната загрејте ја на температура од 160 степени, па пикнете го колачот и печете го еден час. Печениот колач оставете го убаво да се олади до собна температура, па дури потоа сечете го и наросете го со шеќер во прав. Рецепт на Драгана Ѓорѓевиќ.