Вчера се досетив на овој практичен рецепт кој го немав направено долго време. Порано, кога бев студентка, често си го подготвував ова јадење набрзина, бидејќи немав многу време. Денес дечињата ми побараа нешто убаво и ново да им направам, па им ја направив оваа „измачкана“ пита.




„Измачкана“ ја нарекувам бидејќи питата се прави во блендер, не се валкаат никакви садови и потоа само се „измачкува“ во еден плех, одозгора се наросуваат уште неколку состојки и лепчето е готово. Кога ќе се искомбинира со уште малку лукче и кашкавал, ова јадење е подобро и од фурнаринки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 230 г сварени пилешки гради, 2 јајца, 1 прашок за печиво (7 грама), 1 лажица маслиново масло (30 мл). ЗА ФИЛОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 1 чешне лук (може и повеќе да ставите), 1 лажица маслиново масло, 2 лажици крем сирење (50 грама), 100 г моцарела или кашкавал по ваша желба, оригано за наросување.




ПОСТАПКА: Пилешките гради исчукајте ги со кујнско чеканче за малку да се истенчат и ставете ги да се сварат во вода, додека да омекнат. Исто така, можете и да ги пропржите на малку масло, со сосем малку зачини.




Кога ќе ги зготвите, оставете ги пилешките гради малку да се оладат, па исечкајте ги на тенки ленти, колку што можете поситно. Вака исечканите пилешки гради ставете ги во блендер. Додајте го маслиновото масло и јајцата и сите состојки заедно изблендирајте ги.




Кога ќе се изблендира убаво и ќе се добие хомогена смеса се додава и прашокот за печиво и се продолжува уште 15-тина секунди со блендирање додека да се формира мазна и кремаста смеса која е многу вкусна, дополнително кога ќе се испече со останатите состојки.




Вака подготвената смеса се излева во плех со димензии 30х20 см кој претходно треба да биде обилно премачкан со маргарин на дното и по страните. Одозгора излејте го „тестото“ и со помош на шпатула распоредете го рамномерно низ целиот плех.




Питата се пече 15 минути во претходно загреана рерна на 220 степени. Во меѓувреме, подгответе ги состојките за одозгора. Во помал сад ставете 2 лажици крем сирење (Абц, Филаделфија, Президент), едно изблендирано чешне лук и 1 лажица маслиново масло и сето тоа заедно се меша за убаво да се соедини филот.




Кога ќе се испече кората се вади од рерна и се премачкува со претходно направениот фил, потоа се наросува моцарела или може некој кашкавал по ваша желба и се декорира со оригано. На крај се враќа во рерна уште да се допече уште 10-15 минути, на истата температура додека кашкавалот да се растопи и да фати фина коричка одозгора.

Питата оставете да се олади сосем малку, околу 5 минути, па пресечете на тенки правоголници. Дечињата просто ќе ја обожаваат, а покрај тоа што содржи пилешко месо многу ќе ве засити. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.