Инконтиненција е неможност за задржување на мокрачата односно неволно испуштање на урината од мочниот меур. Тоа е чест проблем, а во Америка дури повеќе од 13 милиони патат од инконтиненција. Колку е фрустрирачки говори и фактот дека никогаш не знаете кога и каде ќе ви се случи оваа непријатност.
Инконтиненцијата се појавува и кај двата пола, но двојно е позастапена кај жените. Се јавува и кај младите и кај старите, но и кај децата.
Постојат повеќе типа инконтиненција. Кај младите жени најчестата е стрес-инконтиненцијата. Тоа е посебен облик на инконтиненција, а се случува при нагло зголемување на интраабдоминалниот притисок (кашлање, кивање, смеење, носење тежок терет).
Жените со уринарна инконтиненција имаат помалку самодоверба и сигурност. Сексуалниот живот им е нарушен, имаат изразена депресивност во однос на жените од своја возраст кои го немаат овој проблем.
Во нормални „околности“ мускулите од карличното дно им пружаат потпора на бешиката и уретрата, и со својот тонус го оневозможуваат неволното протекување на урината. Меѓутоа, во некои случаи овие мускули ослабуваат и при нагло зголемување на интраабдоминалниот притисок не се во можност да го спречат протекувањето на урината.
Посебен тип на уринарна инконтиненција е ургентната или дразбена, кога пациентот одненадеж чувствува потреба за мокрење и не може да ја задржи мокрачата ни токлу колку да стаса до тоалет.
Изненадната потреба се јавува сред силен спазам на мочниот меур кој настанува како реакција на различни стимуланси (течење вода од чешма, истурање сок во чаша), но и без стимуланси. Тука најчесто станува збор за повреда на мускул или нерв од мочниот меур, при состојби како што се мозочен удар или сред чести, повторувачки инфекции на истиот.
Фактори ризик за појава на стрес инконтиненција:
-повеќеродност (повеќе вагинални породувања, користење форцепс, големо новороденче),
-години на живот (стареење),
-промени во хормоналниот статус,
-хронично зголемување на интраабдоминалниот притисок (опстипација, хронична опструктивна болест на белите дробови),
-операција во малата карлица,
-терапија со зрачење.
Преливната инконтиненција е последица од дисфункција на мочниот меур (може да се јави кај дијабетичари) и се појавува кога мочниот меур ќе се наполни и неговата содржина ќе се прелие.
Иако постои мислење дека самиот проблем на инконтиненцијата не е опасен по здравјето треба да се истакне дека може доста сериозно да влијае на емоционалното здравје на личноста.
Истражувањата покажале дека жените со оваа тегоба имаат помалку самодоверба и сигурност, дека сексуалниот живот им е нарушен и дека се значително подепресивни од останатите врснички кои го немаат овој проблем. Стравот дека незгодата ќе им се случи во било кое време и на било кое место е причината за социјална изолација на овие лица. Важно е да се каже дека тоа не смее и не треба да биде проблем, затоа што ако не може да се реши, уринарната инконтиненција барем може да се контролира.
Првиот чекор е поставување на дијагноза и одредување на типот на инконтиненцијата.
Лекарот ќе направи детална анамнеза на сите болести и состојби. Од анализите, прво ќе се направи анализа на урината за да се исклучи уринарна инфекција. Потоа следи ултразвучен преглед, за да се потврди или исклучи стрес-инконтиненцијата, потоа Q-тест, PAD тест и уродинамичко испитување.
Лекувањето може да биде конзервативно и хируршко
Конзервативниот начин на лекување се состои во јакнење на мускулатурата на дното од малата карлица (Кегелови вежби, електростимулација), локална употреба на естрогени креми, медикаментна терапија (алфа адренергични агонисти) и користење оклузивни уретрални прстени.
Доколку станува збор за послаб облик на уринарна инконтиненција самите лица можат да ја контролираат така што ќе го намалат внесот на течности, ќе одбегнуваат кафе кое делува како диуретик, чај и газирани пијалаци.
Втора можност е на секои 2-3 часа контролирано да го празнат мочниот меур без оглед на тоа дали имаат потреба или не.
Конзервативниот начин на лекување подразбира и Кегелови вежби, односно вежби за јакнење на карличното дно. Прво треба точно да се утврди каде се наоѓаат мускулите кои треба да се зајакнат со вежбање. Најдобро е да седнете на столица, со стопалата на под и малку раздвоени коленици. Направете движење како да сакате да го спречите мокрењето-такашто ќе ги стегнете мускулите помеѓу ректумот и вагината. Кога ќе го направите тоа, држете ги мускулите во контракција околу 10 секунди.
Потоа опуштете се, па повторете ја вежбата барем уште 10 пати. Пожелно е овие вежби да ги правите осум до десет пати дневно. За да постигнете добри резултати, мора да вежбате упорно, посебно ако веќе имате проблем со задржување на урината и ако пред тоа не сте вежбале превентивно. Вежбите можете да ги правите и стоечки, и тоа на било кое место (во канцеларија, лифт, додека стоите и чекате во ред…)
Лекувањето на стрес инконтиненција е можно и со вагинални песари (вагитории), т.е. силиконски направи кои се поставуваат на самиод свод од вагината, околу грлото за да и помогнат на малата карлица.
Хируршкото лекување е секако најефикасниот метод и подразбира поставување на синтетички мрежички (Mesh) и т.н.слингови. Смислата за хируршка интервенција во решавањето на оваа тегоба е реституција на нормалната положба и поддршка на везикоуретралниот сегмент, што обично доведува до решавање на овој проблем.
Самата операција е безболна, краткотрајна и може да се изведува со сите видови анестезии (локална, општа). Успешноста за решавање на проблемот е многу висока и се движи со околу 90%.