Фото и рецепт: Татјана Дубаиќ
“Имам бајалди” или “Онесвестен имам” е едно многу вкусно, традиционално турско јадење со необично име. Постојат повеќе легенди за потеклото на името, а според една од нив е дека сопругата на еден имам му го приготвила ова вкусно јадење. На имамот толку многу му се допаднало што се прејал и паднал во несвест.
Каква и да е легендата, ова јадење задолжително треба да се проба, особено сите оние кои го сакаат модриот патлиџан.
Потребни состојки:
3 модри патлиџани
6-7 средни домати
2 главици кромид
3 пиперки
5 чешниња лук
1 шолја доматен сок
4 лажици сечкан магдонос
1 лажица црвен пипер
масло, сол, црн пипер
Постапка:
Патлиџаност излупете го на ленти, како зебра. Доколку се големи, пресечете ги на половина, а доколку се мали, може да останат цели. Испржете ги на масло додека да добијат златно жолта боја.
Оставете ги да се исцедат на хартиена салветка. Во тава испржете сечкан кромид на ленти, додадете сечкан лук, пиперка исечкана на коцки, излупен и и исечкан домат, една шолја доматен сок, магдонос, црвен пипер, сол, црн пипер. Пржете додека да испари течноста.
Исцедените патлиџани наредете ги во сад во кој ќе се печат во рерна. Со рака или со лажица направете вдлабнување. Не ја вадете с’ржта на патлиџаните, туку само со раката притиснете и подбутнете од средината кон краевите за да се направи отвор за полнење.
Патлиџанот доста омекнува доколку е добро испржен. Наполнете го во претходно приготвената смеса. Печете во рерна 10-тина минути на 250 степени.
Одоздола пред печењето може да наредите кругови од домат или да наросите малку сирење или кашкавал. Може да се јаде топло, но традиционално се јаде ладно и нам на домашните многу ни се допаѓа.
Фото и рецепт: Татјана Дубаиќ