Овие боемски коцки се многу сочни, први се изедуваат на славската трпеза. Оваа година пак ќе ги правам во двојна доза, бидејќи минатата слава не им беа доволни на гостите. Моите пријателки ме распрашаа за рецептот, па затоа ќе го напишам и тука. Ако ги подготвите за слава, да знаете дека само тие ќе се јадат, нема да има потреба од подготвување на повеќе десерти. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 12 белки, 12 лажици шеќер, 2 лажички цимет, 200 г ореви, 4 лажици брашно, 50 г чоколадо. Од овие состојки испечете 2 кори кои потоа ги делите на половина и добивате 4 помали корички.
ЗА ФИЛОВИТЕ: 1 литар млеко, 12 жолчки, 12 лажици брашно, 250 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 300 г маргарин. Филот го делите на половина. Во едната половина ставате 200 г бело чоколадо, а во другата половина 200 г црно чоколадо. Се филува и се декорира по ваша желба.
ПОСТАПКА: За филот во посебен сад се ставаат 12 жолки и во нив се додаваат 2 кесички ванилин шеќер и 250 обичен г шеќер и со миксер се соединуваат. Кога смесата ќе згусне, а шеќерот ќе се растпи, постепено се додава малку млеко (приближно 1 чаша) и се продолжува со миксирање додека да се изедначи.
Се додаваат 12 лажици брашно и се меша за да нема грутчиња. Остатокот од млекото се става во тенџере и во него се додава смесата од жолчките. На умерена температура се готви филот со непрекинато мешање, сè додека да згусне како крем, слично како кога варите пудинг.
Сварениот крем претурете го во посебен сад, прекријте го со стреч фолија за да не фати коричка и оставете го настрана да се олади до собна температура. Во друг сад пенасто изматете 300 г маргарин кој претходно омекнал на собна температура.
Потоа започнете со соединување на изладениот крем и изматениот маргарин, додавајќи лажица по лажица додека непрекинато матите. Кога ќе завршите треба да добиете нежен изедначен крем со кој ќе ги филувате корите.
Филот го делите на половина. Во едната половина ставате 200 г стопено бело чоколадо, а во другата половина 200 г стопено црно чоколадо. За бисквитот потребно е да се направат 2 кори кои подоцна ќе се поделат на половина и се добиваат 4 корички.
Подготовка на корите (за првата кора): во еден сад ставете 6 белки и пенасто изматете ги со миксер. Потоа започнете постепено да додавате 6 лажици шеќер додека непрекинато матите. Кога ќе добиете цврст снег кој не паѓа од лажица, додајте една лажица цимет, 100 г крупно сечкани мелени ореви и 2 рамни лажици брашно, па промешајте бавно со шпатула додека да се соединат состојките.
Рерната треба да се загрее на 180 степени. Филот за кората го излевате во плех со димензии од 35х45 см, обложен со хартија за печење и го распоредувате убаво, врз кората рендате 20-30 г чоколадо и ставате во загреана рерна на 180 степени да се пече 10 до 12 минути. На ист начин направете ја и втората кора.
Откако ќе ги направите двете кори, ги сечете на половина за да добиете 4 кори.
Кога ќе ги исечете корите ги ставате во калап, а може и без него и почнувате со наизменично филување.
Прво можете да запчнете со половина од филот што е со црно чоколадо, а потоа врз другата кора и половина од филот со бело чоколадо. Потоа продолжувате со кора, па од црниот крем, па кора и премачкувате со белиот крем.
Кога ќе се филува тортата, се декорира по ваша желба. Можете да ја прелиете со стопено чоколадо и да ја наросите со мелени ореви. Кога ке се олади можете да ја послужите со сечење на парчиња по ваша желба.
Без разлика дали колачот е исечен на коцки или штангли тој е премногу кремаст и сочен, а со самото тоа и превкусен. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.