Потребни состојки за тесто:

4 јајца

200 мл млеко

200 мл газирана вода

100 мл масло

60 г хељдино брашно

1 лажичка сол

Пченично брашно (T-400)

Фил:
400 г ситно сирење

200 г кајмак

Постапка:

1.Рецептот за оваа многу вкусна пита го видов во групата – Grupa Kašika ljubavi, од Hasena Midhet.

2.Тесто: Во вангла ставете ги јајцата и изматете ги со миксер. Додадете млеко, масло и сол. Соединете. Додадете го хељдиното брашно, изматете, па додавајте од пченичното брашно, да се добие густина, малку погуста од онаа за палачинки.

3.Подмачкајте го тефлонскиот тигањ (јас користев величина 26см), и ставете го на оган да се загрее. На загреаниот тигањ истурете една кутлача од тестото (исто како за палачинки) и оставете некоја минутка да се пржи. Кога ќе зарумени долната страна, свртете и на другата страна да се испржи. На ист начин испржете ги и останатите палачинки. Пржените палачинки редете ги една преку друга, на одговарачки сад.

4.ФИЛ: Во оригиналниот рецепт оди 200 г сирење, 200 г кајмак и 100 г путер. Првиот пат така направив, но ми беше многу масно. Затоа вториот пат додадов повеќе сирење, а го исфрлив путерот и бев задоволна. Не додавав сол зошто кајмакот ми беше солен. Вие пробајте го филот па ако треба додадете сол, по вкус.

Значи за фил, ставете го сирењето и кајмакот во подлабок сад. Со вилјушка добро соединете. Можете да матите и со миксер, за да добиете компактна смеса која може да се премачкува.

5.Земете подлабока шерпа, вел.26см, па целата обложете ја со хартија за печење. Ставете една палачинка, па премачкајте ја со фил. Продолжете со редење и премачкување на палачинките. Последната палачинка, исто така, премачкајте ја со фил.

6.Рерната загрејте ја на 180 степени, во загреаната рерна ставете ја питата да се испече. Печете додека горната пита благо да зарумени. Извадете ја од рерна и оставете да излади, 10-тина минути.

7.Потоа извадете ја од садот, префрлете на тацна, исечете ја на поголеми парчиња. Послужете со јогурт, кисела павлака, ајвар…но вкусна е и без било какви додатоци.

Верица Николиќ