Три рецепти за приготвување на овие прекрасни сочни колачи. Гурабиите кои се приготвуваат со џем имаат посебен вкус и мирис, мора да ги пробате.
РЕЦЕПТ 1: За сите кои ги сакаат овој вид на колачи, а сепак не сакаат многу благо – тогаш ова е рецепт за вас.
Потребни состојки: 2 јајца, 1 мал филџан (од 50 мл) шеќер, 2 мали филџани масло, 2 мали филџани растопен и малку разладен путер или маргарин, 2 мали филџани масло, 1 прашок за печиво, 2 мали филцани џем од јаболко или круша и 13 мали филџани брашно
За шербет: 7 мали филџани шеќер, 5 мали филџани вода и 1 мал филџан џем. Постапка: Јајцата и шеќерот пенасто се матат, па потоа се додаваат маслото и путерот. Повторно кратко се мати, па се додава џемот, прашокот за печиво и брашното.
Брашното се додава малку по малку, прво пет филџани, па мешате со дрвена лажица додека може, па уште пет и потоа продолжувате со рака. Месете и додадете уште три филџани брашно, една по една.
Тестото треба да биде мазно и да не се лепи за рацете. Пробајте да обликувате една гурабија, па доколку се одлепува од раката, тогаш е готово месењето.
Од тестото се прават топчиња со величина на поголем орев, па од нив се прават мали ваљаци, кои потоа се притиснуваат на најситната страна од рендето за да добиете шата.
Вака обликуваните гурабии редете ги во голем плех од рерна кој не треба да се масти претходно. Се печат во загреана рерна на 200 степени околу половина час.
Штом ги ставите гурабиите на печење, веднаш направете го шербетот: шеќерот и водата треба да варат 5 минути, а потоа се додава џемот. Нека се соедини со уште еден “клуч”, па тргнете од оган.
Ако сакате добро да го почувствувате џемот додека ги јадете гурабиите, тогаш во шербетот намалете по еден филџан шеќер и вода, а додадете уште еден филџан џем.
Печените гурабии извадете ги од рерната да подизладат само толку колку што е потребно за да не прска додека се полева со шербетот.
Се полева малку по малку додека има шербет, а ако забележите дека не впиваат добро, оставете ги во топлата рерна додека да го впијат целиот шербет. Најдобро е да се остават неколку часови на собна температура, па дури потоа да се остават во фрижидер. Убави се одбро изладени, но многу се вкусни и додека се уште топли кога ќе го впијат сирупот.
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 2 јајца, 2 филџани (од кафе) шеќер, 2 филџани масло, 2 лажици домашен кајмак, 2 лажици џем (некој поредок, како од јаболко), 1 жилџан сечкани ореви, ½ прашок за печиво и 11 филџани брашно +-
Постапка: Се замесува тестото, се прават гурабиите и се печат на 180 степени околу 10 минути. Прво рерната добро се загрева на максимум, а кога ќе се стават на печење се намалува на 180.
Шербет: 8 филџани шеќер, 10 филџани вода и 3 лажици џем се ставаат да зовријат, па се намалува на умерено и се вари 15 минути. Се трга на страна да излади. Врелите гурабии се полеваат со ладен сируп, се покрива тепсијата со некоја друга, поголема, па се остава така да изладат и да го впијат сирупот.
РЕЦЕПТ 3 – Потребни состојки: 2 јајца, 2 филџани шеќер, 2 филџани масло, 1 филџан растопен путер, 2 лажици џем од јаболка, 4-5 лажици мелени ореви, ½ прашок за печиво и 12-13 филџани брашно по потреба
За сируп: 6 филџани шеќер, 10 филџани вода и 3 лажици џем. Постапка: Прво пригответе го шербетот. Во тенџере ставете шеќер, вода, џем, промешајте и оставете да зоврие. Нека врие 15 минути, па тргнете од оган и оставете целосно да излади.
Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот. Додадете масло, путер, џем, прашок за печиво, ореви, сето убаво промешајте, па постепено додавајте брашно додека да добиете средно меко тесто кое не се лепи.
Малку намастете ги рацете, одвојувајте мали топчиња, обликувајте ги и редете ги во намастен плех на одредено растојание. Печете на 180 степени околу 20 минути, додека малку да заруменат. Врелите гурабии полијте ги со ладен сируп и оставете да го впијат.