Гибаницата е многу вкусна пита направена од домашни или готови кори, сирење и јогурт. Не бара претерани кулинарски вештини и домаќинките учат веднаш да го подготвуваат овој рецепт. Постојат неколку трикови кои ќе ви помогнат гибаницата секогаш да ви излегува совршено. Пробајте ја грузиската гибаница која уште се нарекува „Ачма“.

Се прави од домашни кори кои се варат, а за филот се мешаат два вида сирење. Ќе уживате во секој залак. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: околу 1 кг брашно, 750 г бело сирење, 250 г моцарела, 300 г путер, 5 јајца, 300 мл вода, 1 лажица сол.




ПОСТАПКА: Јајцата кои треба да бидат отстојани на собна температура скршете ги во еден подлабок сад и разматете ги со жица или маталка. Посолете ги, а потоа додајте 300 мл вода на собна температура и измешајте. Постепено додавајте околу 1 кг просеано брашно и замесете тесто.




На почетокот тестото се замесува со шпатула, па кога ќе почне да станува покомпактно, се преминува на месење со рака. Брашното додавајте го по потреба, додека да добиете тесто со средна цврстина, кое нема да се лепи под прсти. Замесеното тесто ставете го во сад и покријте го со проѕирна фолија, па оставете го да стасува половина час на топло место.




По изминатото време, префрлете го тестото на рамна, набрашнета површина и домесете го уште малку, да излезат акумулираните гасови од него. Поделете го тестото на 7 еднакви делови, од кои 2 делови треба да бидат малку поголеми и од секој дел обликувајте топчиња.




Топчињата покријте ги со хартија или крпа и оставете ги да одморат околу 15-тина минути. Во меѓувреме, сирењата изрендајте ги или издробете ги на ситни парчиња па измешајте ги во сад, а во друг сад растопете го путерот. Земете големо топче тесто и убаво развлечете го за да биде навистина тенко.




Корите лесно се развлекуваат и по потреба додавајте си брашно, за да не ви се лепи кората за оклагијата. Во еден обилно намастен плех со путер или масло пренесете ја првата подолга кора која сте ја развлекле. Прилепете ја кората добро за плехот, а краевите од првата кора треба да излегуваат нанадвор од плехот кои на крајот се преклопуваат врз целата пита.




Одозгора првата кора обилно се премачкува со претходно растопениот путер. Настрана во едно тенџере подгответе си зовриена вода, а во друго тенџере или подлабок сад ладна вода. Останатите 5 топчиња развлекувајте ги тенко, па поединечно ставајте ги во тенџерето со врела (зовриена) вода и оставете 2 минути да се варат, со претпазливост да не се залепи кората.




Потоа извадете ја кората со сито, па веднаш натопете ја во ладна вода и потоа процедете ја, па ставете го преку првата кора, малку згужвана. Секоја кора се премачкува обилно со растопен путер. Одозгора се става втората кора наводенета на истиот начин, па се филува со половина од количеството сирење.




На ист начин се ставаат уште две кори (сварени и стуткани), па се премачкуваат со путер и се става преостанатиот фил со сирење. Покријте со друга сварена и изгужвана кора (направена иста како и другите), па премачкајте со путер. Потоа преклопете ја кората што излегува од тавата.




Затворете со последната поголема кора, но оваа не ја варете, туку напикајте ја убаво од сите страни, како да местите постелнина. Вака подготвената пита се сече на коцки и се премачкува со путер. Гибаницата се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 40-45 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.