Грашокот е многу вкусна мешунка и особено здрава. Топлите манџички приготвени со варен грашок кај нас се приготвуваат одамна, а можат да бидат посни во комбинација со компир и морков, или пак со месо, најчесто јунешко, мелено или колбаси.
Во продолжение ќе ви претставиме традиционален рецепт за подготовка на топла грашок-манџичка со јунешко месо, според рецептот на Љубичинка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г грашок, 400 г јунешко месо (кртина), 1 голем морков, 2 главици кромид со средна величина, 1 лажица сув зачин (вегета), сол и црн пипер по вкус, масло по потреба, 1 чешне лук, 2 ловорови листови, 1 лажица црвен пипер, 2 лажици брашно, 10 г путер
ПОСТАПКА: месото исечкајте го на коцкички. Во едно тенџере налијте вода, посолете и ставете на оган. Кога ќе зоврие истурете го внатре месото и оставете да се готви 15-тина минути. За тоа време пригответе ги останатите состојки.
Кога месото малку ќе се подвари, процедете го (извадете го со решеткаста лажица) и оставете го настрана до употреба. Кромидот исчистете го од лушпата, па исечкајте го на ситни коцкички. Морковот излупете го, па исечете го на тенки тркалца.
Лукот исчистете го и истиснете го низ преса или изрендајте го. На тава ставете коцкичка путер (10 г) и лажица масло и загревајте на умерена температура. Кога ќе се загрее истурете го кромидот и пропржете го додека да застакли и омекне.
Додајте го лукчето, па кога ќе замириса додајте го и морковот. Пропржете го кратко, па додајте го и процеденото месо. Пржете го месото додека да зарумени од сите страни, па дури потоа додајте го испраниот грашок.
Додајте сув зачин (вегета), сол и црн пипер во прав. Прелијте со вода да се прекрие целиот зеленчук. намалете ја температурата на средно умерена, па гответе со полуотворен капак. Гответе сè додека месото и грашокот да омекнат, т.е да се сварат.
По потреба налевајте по малку вода. Кога месото и грашокот ќе бидат сварени, направете ја запршката. Во тава налејте малку масло колку да го покрие дното во тенок слој. Кога ќе се загрее додајте го брашното и пржете го 2-3 минути со непрекинато мепшање.
Потоа додајте мелен црвен пипер, па убаво промешајте за да се раствори (не предолго за да не загори), па истурете ја запршката врз грашокот. Сето убаво промешајте го, оставете да зоврие еден „клуч“ и манџата е готова. Оставете малку да подизлади, па послужете ја топла.