Ова е уште една фантастична торта во низата кремасти торти. Излегува многу голема, па одлична е за родендени и други свечени пригоди, а по потреба соодветно може да ги намалите состојките. Целата е кремаста, со тенки корички, преполна со фил. За сите што ја сакаат комбинацијата од лешник, чоколадо и кафе. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за една коричка, а се печат 4 во калап 30х39 см мерено сосе ивиците): 4 белки, 5 супени лажици шеќер, 50 мл ладна вода, 2 супени лажици какао, 1 супена лажица брашно, 4 супени лажици мелени печени лешници, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г)

ЗА ФИЛ 1 и 2: 16 жолчки, 1.5 литар млеко, 12 лажици шеќер (или по вкус), 10 супени лажици брашно, 5 супени лажици скроб/нишесте/густин, 350 г путер/маргарин, 150 г + 50 г чоколадо, 100 г сечкани лешници, 1 или 2 лажички нес кафе, 500 мл слатка павлака




ПОСТАПКА: на самиот почеток вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот. Матете со миксер додека тој да се растопи и да добиете цврст снег.




Потоа постепено додајте ладна вода, па повторно добро изматете. најпосле додајте просеано брашно помешано со какао и прашок за печиво, соединете со послаба брзина на миксерот и на крај вмешајте ги сечканите лешници.




Добиената смеса истресете ја врз плех обложен со хартија за печење, рамномерно распоредете и израмнете. Ставете да се пече во загреаната рерна, па после 12 минути за првпат отворете ја, погледнете ја и пипнете ја кората и ако има потреба допечете ја уште 3 минути, а ако не е премека, извадете ја.




Постапката повторете ја уште трипати, за да добиете вкупно четири тенки кори. Преминете на приготвување на филот: во подлабок сад пенасто изматете ги жолчките, додајте брашно, густин и малку ладно млеко.




Остатокот од млекото ставете да се загрева на умерена температура, па кога ќе проврие додајте ги изматените жолчки и варете со непрекинато мешање додека да згусне. Добиениот пудинг од жолчки претурете го во друг сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете да се згусне.




Во оладениот фил додајте омекнат, исечкан на листови путер, па изматете со миксер додека да се инкорпорира и целосно да се соедини. Добиениот крем поделете го на три еднакви делови. На пареа или во микробранова печка растопете 150 г чоколадо и додајте го првиот дел. Изматете да се соедини.




Во вториот дел од филот додајте ситно исечкано 50 г чоколадо и сечкани лешници, па изматете да се соедини. Во третиот дел додајте растопено нес кафе во малку водичка и повторно сè соединете.




Изматете ја слатката павлака како шлаг, но не премногу тврдо. Ако ви се случи предолго да ја изматите павлаката, тогаш додајте само малку млеко и повторно изматете. Од вкупниот шлаг додајте по две лажици во секој од трите крема и повторно сите со миксер изматете ги.




ФИЛУВАЊЕ: Кора, фил, слатка павлака, според редослед кој вие го сакате, но најдобро би било најтврдиот фил да биде најдолу, за да може да и биде цврста основа на тортата. Декорирајте по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.