Германскиот чизкејк „Käsekuchen“ се подготвува малку поразлично од оној кој е познат на нашите простори. Првата разлика е тоа што кората се пече, за разлика од чизкејкот кој се подготвува од мелени бисквити со путер. Втората разлика е тоа што во кремот се става кварк, наместо маскарпоне.




Иако, подготовката на кремот може да се подготви и со обично крем сирење – Маскарпоне, доколку најдете „кварк“ сирење, би било одлично, да го пробате германскиот деликатес. Кваркот е меко, свежо сирење што може да се мачка.




Сепак, поради неговата кремаста текстура, почесто се споредува со густ или цврст јогурт, во светот познат како „грчки“. Исто така, често се споредува со урда, меѓутоа, му недостасува гранулестата текстура на урдата. Во средина на овој колач може да додадете и некое овошје, сезонско како мандарини или вишни. Направете си го бидејќи е навистина превкусен.




Без редење на кори и филување, само го замесувате тестото и ставате на печење, потоа вадите и на средина го додавате кремот со сирење и повторно враќате на печење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 300 г брашно, 200 г мек путер, 100 г шеќер, 1 јајце, половина лажица рендана кора од лимон, прстофат сол, 1 ванилин шеќер. ЗА КРЕМОТ: 250 г свежо сирење, 250 г маскарпоне, 100 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 50 г пудинг од ванила во прав, 3 јајца, 200 мл слатка павлака.




ПОСТАПКА: Загрејте ја рерната на 180 степени. За тестото добро измешајте ги сите состојки со миксер. Путерот потребно е да биде омекнат на собна температура, па додајте го шеќерот и ванилата, па пенасто изматете го.




Потоа додајте го јајцето и матете додека да се инкорпорира. На крај додајте го брашното со прстофат прашок за печиво. Соединете ја смесата и по желба, во тестото додајте малку ситно рендана кора од лимон.




Земете кружен калап за торта (со пречник 26 или 28 см) или правоаглест, намачкајте го дното со малку путер и наросете со брашно да не се залепи колачот при печењето (или обложете го со хартија). Со подготвеното тесто обложете го дното на калапот и со прстите подигнете го 2-3 см странично, за да добиете вдлабнување во кое ќе го сместите вкусниот крем.




Тестото убаво стиснете го со прстите по работ, за да не се спушта при печењето. Ставете да се пече во загреаната рерна приближно 10 минути на 180 степени. Во меѓувреме измешајте ги сите останати состојки за кремот, па штом ја извадите печената кора, излејте го кремот, вратете во рерна и продолжете со печење уште еден час на 145 степени.




ЗА КРЕМОТ: Во еден подлабок сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи, и смесата да осветли и згусне. Соединете ги двата вида сирење (може и само маскарпоне 500 г), додајте го прашокот за пудинг, слатката павлака, па откако ќе добиете фина кремаста смеса, започнете полека да ги додавате изматените јајца со шеќерот и ванилата, па мешајте со шпатула или миксер на најслаба брзина додека да се соединат сите состојки.




За ова приближно ќе ви бидат потребни 10 минути време, додека да се испече кората. Добиената смеса излејте ја врз печената кора и вратете во рерна, па оставете да се пече уште еден час на 145 степени.

Кога колачот е готов, оставете го во рерната со подотворена вратничка убаво да се излади, па наросете го со шеќер во прав. По желба при печењето во смесата со сирење може да ставите и неколку мандарини кои претходно сте ги излупиле и сте ги извадиле семките.