Фотографии и рецепт на Ивана Живковиќ – Калдис – Фануропита
Оваа пита е одлична за постудените денови, бидејќи целата куќа мириса боженствено на зачините, а што е најважно, брзо се прави.
Фануропита е колач кој се приготвува во чест на Свети Фануриј, заштитникот на учениците и студентите. Освен овој рецепт, може да прочитате и други варијанти за приготвување на фануропита, на линкот ОВДЕ.
Оваа погача се приготвува често, но задолжително на денот на Свети Фануриј, кога се носи во црква за да биде испеана. Со оваа погача треба да се замисли желба која сакате да ви се исполни. Во Прилеп за овој празник црквите се преполни со овие погачи кои се прават посни и само од 9 состојки.
Потребни состојки:
375 мл масло, 375 мл со од портокали, 300 г шеќер, 1 лажичка сода бикарбона, 1 лажичка цимет, ½ лажичка мелено каранфилче, 540 г брашно самонарастувачко (а ако не можете да најдете вакво во продавниците, тогаш во брашното ставете прашок за печиво), 120 г сечкани ореви, 80 г суво грозје, ½ лажичка сол
Постапка:
Сувото грозје потопете го во сокот од портокали, додадете масло и шеќер и матете додека тој да се растопи.
Потоа додадете го брашното со додаден прашок за печиво и зачините, па сите состојки изматете ги со миксер. На крај додадете ги сечканите ореви.
Плех со димензии 25х30 см намастете го со масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Потоа излејте ја приготвената смеса, израмнете и ставете да се пече во добро загреана рерна со вентилатор на 170 степени, околу 50-60 минути.
Доколку немате рерна со вентилатор, печете на 180 степени и проверете со чепкалка кога е печено. Кога малку ќе подизлади, печениот колач наросете го со шеќер во прав.
Фотографии и рецепт на Ивана Живковиќ – Калдис