Доколку досега не сте пробале да подготвите тесто од брашно и кафе, испробајте го овој рецепт и направете слатка погача која има неодолив вкус. Има неверојатно добар вкус со сладок мирис на кафе, а може да ја подготвите за претстојните велигденски празници. Погачата се прави многу брзо, а исто така е многу лесна и вкусна. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја тypcко кафе (200 мл), 2,5 шолји просеано пченично брашно (шолји од 250 мл), 1 лажица гранулиран (кристал) шеќер (10 г), 1/2 лажица сув квасец (5 г), 2 лажици масло (20 мл). ЗА ФИЛОТ: 1 шолја млеко (200 мл), 1 лажица гранулиран шеќер (10 г), (за оние кои сакаат поблаго, нека додадат уште 100 г шеќер), 1 лажица скроб, 1 лажица пченично брашно, 1/2 лажица инстант кафе (нескафе – 100 мл).




ПОСТАПКА: За да го подготвите тестото, најпрво сварете го тypcкото кафе со 3 лажици шеќер (може и 3 коцки шеќер). Јас ставам приближно 2 полни лажици туpcко, а може и една полна до врв. Прелијте во ѓезвето со 200 мл вода и измешајте, па ставете го на рингла. Со повремено мешање, два или трипати, почекајте кафето да се надигне. Не го преварувајте.




Во еден подлабок сад, каде што ќе го замесите тестото ставете 2,5 шолји брашно и на средината направете вдлабнатина. Во неа излејте го свареното тypcко и нежно промешајте со силиконска шпатула. Додајте 1 лажица шеќер и 1/2 лажица сув квасец, па повторно измешајте, додека тестото да почне да се соединува.




Ќе забележите дека тестото веднаш почнува да се формира, па замесете го со рака. Тестото треба да биде со средна цврстина, мазно и да не се лепи. За време на месењето, додајте 2 лажици масло и уште малку домесете го додека маслото целосно да се впие.




Замесеното тесто оставете го во садот, но погрижете се од страните на садот да нема останато вишок брашно, целосно соберете го во тестото, така што садот да остане чист. Покријте го тестото со стреч фолија и оставете го да стасува на топло место, додека да ја удвои својата големина. Во зависност од тоа колку е просторијата топла, тестото може да стасува од 30 минути до 1 час.




Додека тестото стасува подгответе го филот. Во помало тенџере сипете 1 шолја млеко, додајте 1 лажица шеќер, 1 лажица скроб и 1 лажица брашно. За оние кои сакаат погачата да биде поблага нека додадат вкупно 100 г шеќер. Промешајте со жица, па ставете го тенџерето на рингла со умерена температура.




Со константно мешање, гответе додека смесата да стане многу густа, нешто погуста и од пудинг. Настрана, во една чаша ставете 1/2 лажица нескафе и прелијте со 100 мл врела вода. Промешајте, па сипете го кафето во згуснатиот фил. Повторно соединете и оставете го филот настрана малку да се олади.




Стасаното тесто префрлете го на рамна површина и домесете го уште малку, а ако има потреба додајте си повеќе брашно. Тестото не треба да се лепи. Замесете го во подебел валјак и поделете го на 7 или 8 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче. Откога ќе ги обликувате сите топчиња, започнете да развлекувате од првото топче.




Тестото развлечете го со прсти во форма на круг, со големина на тацна и на средина ставете 1-2 лажици од филот. Со празните страни затворете го тестото така што ќе ги залепите врвовите од сите страни. Потоа спласнете го топчето со средишниот дел од дланката, но внимавајте да не ви се скине и да не ви истече филот.




На овој начин подгответе ги сите топчиња. Вака подготвените теста наредете ги во специјален сад за печење на куглоф, едно до друго. Садот претходно треба да биде намастен и набрашнет. Доколку немате ваков сад, може да печете и во обичен плех, како за погача, на истиот начин.

Наредете ги сите теста во круг, оставајќи на средина малку простор. Одозгора погачата премачкајте ја со малку млеко и оставете да стасува уште 25-30 минути. Потоа, врз погачата наросете чоколадни трошки или топчиња и вклучете ја рерната да се загрее на 170/80 степени, па погачата печете ја 25-30 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.