Фалафел ќофтињата од наут се одлична замена за месните ќофтиња кои можете да ги јадете во посните денови. Традиционално се служат со хумус паста и тахини сос, но можете да ги направите за ручек или вечера и да ги послужите со салата или помфрит. Овие ќофтиња се сметаат за луксузна порција како предјадење или главно јадење.
Во скапите ресторани обично ги послужуваат по три во една порција и најчесто се поскапи. Јас ги правам од неколку евтини намирници за кратко време, а дечињата уживаат во нив и сите ги јадат уште додека се топли. Сите состојки се мешаат во паста, а потоа се обликуваат и се пржат додека да поруменат. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: две чаши наут, 1 голема главица кромид, една четвртина од чаша магдонос, четири чешниња лук, половина чаша вода, една лажичка коријандер, една лажичка кумин, сол по вкус, една четвртина лажичка сода бикарбона, масло за пржење.
ПОСТАПКА: Доколку користите обичен наут кој не е конзервиран, процедете го од водата во која стоел и сварете го додека да омекне. Се вари околу 30-45 минути. Потоа, процедете го и тргнете го настрана да се олади. Водата од наутот може да ја искористите за да подготвите некои колачи (целувки) или обичен, посен крем за торта или пенаст шлаг.
На дрвена даска излупете и исечкајте го кромидот на средни парчиња. Земете една китка магдонос и исечкајте ја ситно, па истото направете го и со чешнињата лук. Наутот, магдоносот, кромидот и лукот се мешаат во еден подлабок сад, а потоа смесата се прелива во блендер и се соединува во еднолична паста.
Доколку во блендерот не ви собира сѐ, блендирајте на неколку наврати, јас обично состојките ги делам на два или три дела и поединечно ги блендирам. Соединете сѐ во блендерот на највисока брзина. Кога ќе се формира паста, отворете го блендерот и со шпатула „соберете“ ги остатоците од страните на блендерот кон средината и уште малку изблендирајте за да бидете сигурно дека сите состојки се сомелени.
Пастата складирајте ја во подлабок сад, додека целосно сѐ да изблендирате. Во пастата додајте кумин, сол, сода бикарбона и сув коријандер зачин. Измешајте сѐ, па дегустирајте и по вкус додајте уште зачини, доколку е потребно. Оваа паста може да послужи и како намаз.
Бидејќи излегува голема количина, половина може да ја искористите за ќофтиња, а половина како намаз или да направите повеќе ќофтиња кои дел од нив може да ги замрзнете. Со лажица црпете од смесата и обликувајте топчиња со големина по ваша желба. Јас обично ги правам со големина на еден до два залци.
Вака подготвените ќофтиња веднаш пржете ги во загреано масло, додека да поруменат и да фатат коричка. Повремено превртувајте ги во маслото, за подеднакво да се зготват. Деталите погледнете ги ОВДЕ.