Гурабиите може да ги правите во мрсна или посна варијанта и секогаш излегуваат вкусни. Во продолжение може да го прочитате рецептот на Валентина Машковиќ која подготви многу сочни гурабии за престојните слави и празници. Подолу прочитајте го и нејзиниот рецепт и за сочни бомбици.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3-4 јаболка, 150 г суво овошје – кајсија, урми и сл., 150 г ситно сечкани ореви, сок од 1 лимон, 200 г шеќер. ЗА ТЕСТОТО: 250 г маргарин/путер, 200 г шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 јајца, 4 лажици кисело млеко, 100 мл масло, 900 г брашно. ЗА ПРЕЛИВ: 100 г чоколадо, 4-5 лажици масло.
ПОСТАПКА: За гурабиите најпрво се подготвува филот. Јаболката најпрво излупете ги и извадете ја дршката од нив и среднишниот дел. Потоа изрендајте ги, па ставете ги во тенџере со малку масло на рингла. Додајте го шеќерот и измешајте. Оставете смесата да се готви на средна температура, додека шеќерот да се растопи.
Потоа, додајте сок од 1 лимон, измешајте, па ставете го ситно сечканото суво овошје. Од суво овошје може да користите што сакате, во рецептот се користи суви кајсии, урми и суви смокви (вкупно 150 г). Измешајте и оставете смесата да се готви додека да стане хомогена и сите состојки меѓусебно да се соединат.
На крајот, додајте ги мелените ореви, фино измешајте, па тргнете го филот настрана, малку да се олади, додека го подготвувате тестото. ЗА ТЕСТО: Путерот/маргаринот треба да омекне на собна температура, потоа ставете го во сад и изгмечете го со виљушка.
Додајте го шеќерот во прав, прашокот за печиво и ванилиниот шеќер. Измешајте ги состојките, па ставете ги двете јајца и соединете. Додајте го киселото млеко, маслото и на крајот постепено додавајте го брашното, додека го замесувате тестото.
Тестото треба да биде меко и да не се лепи под прстите. Тестото не се остава да отстои, туку веднаш од него се формираат гурабиите. Кинете од тестото, приближно иста количина, обликувајте топче, па сплескајте го со рацете. На средина ставете 1 лажица од филот за тестото и со краевите залепете го повторно во топче.
Гурабиите редете ги во плех, обложен со хартија за печење. Загрејте ја рерната на 200 степени и печете ги гурабиите околу 20-тина минути, додека да обелат. Оставете ги малку да се оладат, а во меѓувреме подгответе го преливот: растотепе го на пареа или директно на рингла, чоколадото заедно со маслото.
Со преливот, прелијте ги гурабиите одозгора, оставете чоколадото малку да се стегне, па веднаш послужете ги додека се топли. Доколку ви останало овошје, односно од филот, за да го искористите на најдобар можен начин, подгответе бомбици кои се подеднакво вкусни, а на трпезата ќе имате два вида на слатки.
Единствено што треба да направите е постепено во филот да додавате мелени бисквити (плазма), додека да добиете смеса со фина конзистентност за замесување. Од смесата формирајте бомбици, кои ќе ги редите на една чинија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.