-АДЕТИ ЗА ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК: Според старото верување не се вапсуваат јајцата на гладно, инаку ќе сте болни.

-Црвеното јајце е симбол на Велигден.

Првите три јајца се вапсуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години.

Старите адети кажуваат дека в зори на Величетврток треба да се вапса барем едно црвено јајце.

– Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце.

– Второто е за домаќинот на семејството.

– Третото за бериќет и за стоката.

“Ние вапцаме околу 150 јајца за секој Велигден”- вели Гордана Маневска која секоја година ги фарба јајцата за Величетврток.

“Цела ноќ заедно со свекрва ми ги фарбаме и украсуваме јајцата. Акцент ставаме на црвените јајца, но вапсаме и во други бои. Го користиме најстариот начин за шарање со помош на мрежа, ластичиња и билковни ливчиња.

Во нашето семејство традиционално се користат природни начини за фарбање, а за читателите на НМД ќе ви откријам неколку рецепти.

За првото јајце се верува дека има магиска моќ и затоа тоа го ставаме под иконата. Сме слушнале од народните преданија дека со него се лекуваат одредени болести.

Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапсувањето на јајцата, па затоа јас каснувам нешто, макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку се вапсува на празен стомак, таквите јајца нема да донесат радост, а оној што ги вапсува би можел да биде несреќен и болен…

Секако дека ова се народни верувања, но ние си ги почитуваме нашите обичаи…

Сепак, и во вапсувањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом ќе излезат првите сончеви зраци (свекрва ми ме поучи), ги будам најблиските и со првото јајце им поминувам по лицата со зборовите: црвено, бело, дебело!” -раскажува Горде.

Инаку, семејството Маневски кое живее во Чаир е целосно предадено и фокусирано на традицијата, фолклорот, музиката, песната.

Нивниот втор дом е Ансамблот Студио Фолклор каде секоја вечер го поминуваат работно, обучувајќи млади таленти на традиционални македонски танци. Неодамна го одржаа велигденскиот јубилеен концерт со кој ја воодушевија преполната сала на МОБ.

“Моите деца уште од мали растат со музиката, орото и фолклорот, тие се професионалци и музички образовани.

Како семејство сме многу поврзани, сè работиме заедно, се надополнуваме едни со други. Ја почитуваме македонската традиција и буквално го живееме животот според традиционалните начела.

Семејството е најважното нешто за среќата на еден човек…сè друго е минливо и споредно…. – потсетува Горде и порачува:

ЧУВАЈТЕ СИ ГО СВОЕТО СЕМЕЈСТВО – ТОА Е НАЈГОЛЕМОТО БОГАТСТВО КОЕ ЕДЕН ЧОВЕК ГО ПОСЕДУВА!

Семејството Маневски во сабота навечер одат на вечерна литургија во Црква и во чест на Христовото воскресение, во недела после полноќ ги кршат првите велигденски јајца.

Свечениот ручек за овој голем празник се подготвува во рамките на најблиските од семејството и пријателите. На богатата трпеза задолжително има печено јагне под вршник кое го подготвува лично домаќинот, разни погачи, кифли, салата мимоза и други разни салати, милиброд и торти…

“Нашата куќа е отворена за сите наши пријатели и соседи. Децата и од друга вероисповед доаѓаат кај нас и со радост си одбираат од велигденските јајца. Сите деца ги сакаат убавите вапцани јајца во шарени бои.

Инаку, рецептите за природни велигденски бои ги наследив од мојата мајка.

Македонската традицијата вреди да се пренесува со генерации…” – завршува Гордана Маневска.

1. Жолта боја ќе добиете ако јајцата ги варите заедно со кора од лимон, портокал или врвчиња од неколку моркови. Во водата каде што ќе се варат јајцата може да додадете мелен ким или јајцето да го сварите во чај од камилица.

2. За портокалови јајца најдобро е да додадете лушпи од кромид или сечкан морков во водата каде што се варат. Додадете чили во прав или мелена пиперка за поинтензивни нијанси.

3. За црвено обоени јајца, во водата каде се варат јајцата додадете лушпи од виолетов кромид или јајцето обојте го со сок од шипки и боровинки.

4. Розова боја ќе добиете доколку јајцата ги варите со парчиња цвекло, сок од брусница или сок од грозје.

5. За сино обоени јајца додајте листови од виолетова зелка или концентриран сок од црно грозје.

6. Ако сакате јајцата да ги обоите во зелена боја, работата е наједноставна. Додајте магданос или листови спанаќ во водата каде се варат јајцата и за помалку од 10 минути бојата ќе се залепи на кората.

7. Кафеави јајца можете да обоите со неколку лажички турско кафе, лушпи од ореви или доколку додадете малку црн чај.

За бојата да биде посилна во водата додадете и малку јаболков оцет. Сепак, не очекувајте резултат како со вештачките бои.

Инаку, вапсувањето на јајцата за Велигден е еден од најасоцијативните обичаи за самиот празник, што, всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето, а црвената боја, со која најчесто се бојат јајцата, ја претставува Христовата крв.

Тој обичај, според преданието, потекнува од чинот на Марија Магдалена, која по Христовото страдање тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога излегла пред царот Тибериј, му подала црвено јајце и рекла: “Христос воскресе”. Оттогаш, спроти Велигден, христијаните ги бојат јајцата и со тоа го одбележуваат Христовото воскреснување.