Овој колач е чисто совршенство. За љубителите на чоколадо, ова е вистински рај бидејќи целиот колач е обвиткан со течно чоколадо кое фино се растопува во устата. Се состои од два делови, а главната состојка е чоколадото. Она што ги изненади многумина е тоа што колачот содржи само 2 јајца.




Јајцата се составен дел од секој колач, но во овој колач кој излегува навистина голем, се потребни само 2 јајца за да го направите. Многу е вкусен и лесен за подготовка, па затоа е најчесто првиот избор на домаќинките, кога станува збор за подготвување на десерт. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 12 лажици шеќер, 12 лажици млеко, 3-4 лажици масло, 2 лажици какао, 14 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА ПРЕЛИВ: 700 мл млеко, 5-6 лажици шеќер + 1 кесичка ванилин шеќер, 200 г чоколадо, 200-250 г путер/маргарин, 200 г мелени ореви, малку рум по желба, 2 лажици какао.




ПОСТАПКА: Јајцата се кршат и се ставаат во еден подлабок сад и се започнуваат да се матат со миксер, со постепено додавање на шеќерот. Кога шеќерот ќе се растопи во јајцата, се продолжува со додавање на маслото, па потоа млекото и се продолжува со матење на смесата.




Кога ќе ги соедините овие состојки, низ сито се додаваат просеаните брашно, прашок за печиво и какаото. Потоа смесата се продолжува да се соединува со шпатула (не со миксер). Измешајте додека да се добие еднолична и течна смеса, без грутчиња.




Во плех со димензии 35х25 см или некој со слична големина, се излева смесата (може да ставите и хартија за печење) и убаво се израмнува. Колачот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-тина минути. Пред да го ставите колачот на печење, малку протресете го плехот од некоја рамна површина, за да излезат акумулираните гасови на дното од тепсијата.




Кога кората ќе се испече, проверете дали е печена со чепкалка, оставете малку да се олади, па потоа поделете ја напречно, да добиете две идентични кори со големина на плехот во кој ги печевте. Потоа се почнува со подготвување на филот за премачкување:




ЗА ФИЛОТ: Во едно тенџере ставете го млекото, шеќерот, ванилиниот шеќер и путерот. Тенџерето се става на рингла, па се додава какаото кое претходно треба да биде разредено со малку млака вода за да не се направат грутки во млекото. Додајте го чоколадото искршено на коцки и растопете.




Млекото и останатите состојки се готват околу 20-тина минути на ниска температура, со повремено мешање. Бидете внимателни за чоколадото да не изгори и да се залепи на дното на тенџерето. Кога ќе ја подготвите смесата, која треба да биде полугуста, се додаваат мелените ореви и сосем малку рум (по желба).

Врз првата кора излејте половина од чоколадниот фил, па потоа одозгора ставете ја втората кора и премачкајте го остатокот од филот. По желба, тортата наросете ја со ситно сечкани ореви. Колачот може да го послужите после 2 часа, кога чоколадото малку ќе се стегне, но ако сте трпеливи оставете го да се стегне во фрижидер преку ноќ.

Старите домаќинки советуваат ако го правите за некои гости или за слава, да го направите 2 дена однапред, за сите состојки добро да се стегнат. Во тој случај е највкусен. Колачот се послужува со сечење на коцки.

Забелешка: Во оригиналниот рецепт, во филот се става иста количина на шеќер, како и во кората (по 12 лажици), но овој рецепт е малку изменет, поради тоа што веќе има доволно чоколадо и колачот излегува доста благ. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.