Сигурна сум дека сите имаме некој сличен рецепт за пита, според кој корите се премачкуваат со мешавина од јајца, масло и млеко или јогурт со прашок за печиво, па потоа се филуваат со солен или сладок фил. Питата можете одвечер да ја приготвите, а следниот ден кога ќе се вратите од работа само да ја испечете.




Оваа пита практично е сè исто како погоре опишаното, само што многу поедноставно се приготвува, бидејќи не се премачкува секоја кора, туку целата пита најпрво се реди (кора-фил-кора-фил), па потоа едноставно се прелива со приготвената смеса. Затоа кај мене се нарекува „Залиена пита“ – Татјана Чукиќ.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за пита, 500 г мелено месо, 1 главица кромид, сол, црн пипер и зачини по вкус. За прелив: 4 јајца, 200 мл млеко, 200 мл газирана вода (го заменува прашокот за печиво кај сличните рецепти), 100 мл масло, половина лажичка сол




ПОСТАПКА: кромидот ситно исечкајте го па кратко запржете го на малку масло додека да омекне и застакли. Додајте го меленото месо и заедно динстајте додека да испари вишокот течност, а месото да ја промени бојата. Зачинете по вкус.




Се разбира дека наместо мелено месо за фил можете да користите нешто друго по вкус, како сирење, зелје, мешавина од кашкавал и шунка, зеленчук, што и да ви се наоѓа во фрижидер, а исто така, питата може да биде и слатка со некое овошје или крем.




Плехот или калапот во кој ќе се пече питата малку намастете го, па наредете две кори една врз друга. Распоредете малку фил од приготвеното месо, па наредете повторно две кори, па повторно месо, па две кори и на тој начин редете сè додека да се потроши материјалот.




Наредената пита исечете ја на коцки, но добро сечете до самото дно за да може смесата за заливање убаво да продре низ сите слоеви на наредената пита. За прелив: во подлабок сад изматете ги јајцата со млеко, масло и вода.

залиена пита со месо / Татјана Чукиќ




Преливот посолете го, па рамномерно излејте го врз исечената пита. Внимавајте питата да биде залиена рамномерно, особено на засеците. Оставете ја некое време за да се впие во корите па ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени додека убаво да зарумени. Рецепт и фото на Татјана Чукиќ. Следниот рецепт е уште побрз и поедноставен, без кори:




За да ја приготвите оваа брза пита ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 г мелено месо, 60 г кромид, сол, црн пипер, масло, 4 јајца, 10 лажици брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 2 лажички пармезан, 180 мл јогурт и 1 лажица масло.

Питата се пече во тепсија или плех со димензии 28х17 см или приближно. Постапка: На малку загреано масло пропржете ситно сечкан кромид. Посолете го и динстајте го под капак, со повремено промешување додека да омекне. Потоа додајте 500 г мелено месо, посолете го и запиперете го по вкус.




Измешајте го месото со кромидот и пржете го на умерена температура сè додека да ја смени бојата и да испарат соковите. Во посебен сад изматете 4 јајца со маталка, посолете ги по вкус. Додајте 180 мл јогурт и соединете во убава изедначена хомогена смеса.

Додајте 10 лажици брашно, една лажичка прашок за печиво (најубаво е ако ги просеете) и 2 лажички рендан пармезан. Изматете со маталка па додајте една лажица масло. Во смесата од јајца додајте го прженото и подизладено месо и промешајте за да се изедначат и соединат состојките.




Добиената смеса излејте ја во огноотпорен сад со димензии 28х17 см (претходно можете да го намастите и набрашните за да не ви лепи) и ставете да се пече на 200 степени додека убаво да зарумени, околу половина час.

Печената кора покријте ја со фолија и кујнска крпа за да омекне и да остане воздушеста и сочна, оставете ја малку да подизлати, па дури потоа сечете ја на коцки. Можете да ја послужите за појадок, вечера, но и како главен орбок.