Веројатно сте пробале многу рецепти за кифли и веќе си имате фаворит. Но пробајте го и овој рецепт, ќе се уверите дека од добри кифли, никогаш не е доста.
Потребни состојки: 600 г меко брашно, 1 лажица сол, 1 лажица шеќер, 1 кесичка сув квасец, 1 јајце, 60 г путер, 150 мл млако млеко и 50-100 мл млака вода. За фил: 200 г младо сирење, 200 г бланширан спанаќ (околу 500 г свеж), 1 јајце и малку сол
За премачкување одозгора: 1 јајце, 2 лажици млеко. За наросување: крупна морска сол. И за крај: малку масло за премачкување. По желба: неколку виршли за полнење
Постапка: Путерот растопете го во млекото, па изладете за да биде млако (не смее да биде врело). Измешајте брашно, сол, шечер, квасец. Додадете јајце, растопен путер во млеко, па постепено додавајте вода колку што е потребно за да се замеси убаво мазно тесто.
Треба добро да се измеси за да не се лепи за садот ниту за рацете. Оставете го покриено да стасува еден час. За тоа време пригответе го филот: избланширајте го спанаќот, добро исцедете го и исечкајте го ситно. Додадете му сирење и јајце, а сол по вкус. Сето добро промешајте го за да се изедначи.
Кога тестото ќе стаса, поделете го на 16 еднакви парчиња, па формирајте ги во топки. Секое топче со оклагија развлечете го тенко во должина. На едната страна ставете фил, па свиткајте до половина. Другата половина исечкајте ја на ленти, па свиткајте до крај. Вака приготвените кифли редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Оние кои не сакаат спанаќ и сирење, може неколку да направите со парчиња виршли или фил по ваш вкус. Се виткаат на ист начин.
Оставете ги покриени да стасуваат уште половина час, а за тоа време загрејте ја рерната на 200 степени. Пред печење премачкајте ги со изматено јајце и млеко. Одозгора наросете ги со крупна морска сол и печете ги околу 20 минути на 170-180 степени додека да заруменат.
Пред крај премачкајте ги со масло и вратете ги во рерна уште неколку минути. Кога се готови покријте ги со алу-фолија неколку минути, дополнително да омекнат.
Coolinarika.com