Рецепт и видео прилог на Александра Цвејиќ (Александрина кујна): Едноставни и брзи руски пелмени.

Многу вкусни тестенини од свежо тесто кое многу лесно се приготвува, а потоа се развлекува во кора и се сече за да се формираат тортелините, односно пелмените кои се традиционално руско јадење. Можете да ги филувате со мелено месо како што е прикажано во видео рецептот, но може да ги полните и со сирење, спанаќ или нешто по ваш избор.

Потребни состојки:

500 г брашно + малку за наросување
1 лажичка сол
1 јајце
200 мл вода

за фил:

500 г мелено месо
1 главица кромид
1 лажичка сол по вкус
1 лажичка црн пипер или по вкус

Постапка:

Во подлабок сад измешајте го брашното со една лажичка сол, направете вдлабнување и во него ставете едно јајце, промешајте, па постепено додадете околу 200 мл вода (на собна температура). На почетокот мешајте со виљушка, а потоа изработете го со рака додека да добиете малку потврдо, мазно тесто. Месете го 5-10 минути. Покријте го со кеса и оставете го да одмори додека го приготвувате месото, околу половина час.

За фил: кромидот исчистете го и сомелете го во блендер, па измешајте го со меленото месо. Зачинете со по лажичка сол и црн пипер или по вкус и убаво измешајте и изедначете.

Тестото извадете го од кесата и ставете го на малку набрашнета површина и премесете го, па поделете го на 4 делови. Секој дел премесете го и формирајте го во топче (покријте ги со кеса за да не се сушат).

Секое топче развлечете го со оклагија во тенка кора, па со чаша вадете кругови. Тестото што ќе ви остане премесете го и повторно вадете кругови. На секој круг ставете по една лажичка фил, поклопете го и истиснете го воздухот, залепете ги краевите за да не излегува филот, па спојте ги двата краеви и ако сакате направете витки (не мора). Готовите тортелини редете ги во набрашнета тепсија додека ги правите останатите.

Едно тенџере со вода и една лажичка сол ставете го на оган, па откако ќе зоврие намалете ја температурата на умерено и варете ги во неа тортелините. Откако ќе испливаат на површината се варат уште 10-тина минути. Со решеткаста лажица вадете ги и додека се топли додадете им малку путер или прелијте ги со неутрална павлака а одозгора наросете ги со кашкавал. Деталите со постапката можете да ги погледнете во рецептот: