Не пропуштајте го овој многу лесен рецепт за брза пита со јаболка или овошје по ваш избор и желба. Овој колач може да биде и посен, без јајца, млеко, а путерот заменете го со масло. Се приготвува од состојки кои веќе ги имате во кујна. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г омекнат маргарин или путер, 100 г шеќер во прав, ситно рендана кора од лимон, 400 г брашно, 6 г прашок за печиво (1/2 кесичка), карамелизирани 4 јаболка со 100 г шеќер, 30 г путер или маргарин, цимет по желба
ПОСТАПКА: јаболката измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семки, па исечете ги на коцки со големина на залак. Во нелеплива тава ставете 100 г шеќер и вклучете ја ринглата на умерено ниска температура.
Оставете шеќерот да се растопи и да се карамелизира, со повремено промешување по потреба. Штом се растопи и ја добие потребната боја, додајте 30 г путер или маргарин и мешајте за да се растопи.
Штом путерот се растопи и инкорпорира во карамелизираниот шеќер, додајте ги сечените јаболка и внимателно промешајте за да обложат рамномерно. По желба посипете ги со една мала лажичка цимет во прав за мирис и арома.
Јаболката сами ќе си испуштат сок, па потребно е да се готват приближно 5 минути додека да омекнат и да испари вишокот течност. Карамелизираните јаболка тргнете ги настрана и оставете ги да се оладат.
За тесто: во подлабок сад ставете 200 г омекнат путер или маргарин, претходно исечен на коцкички и оставен на собна температура. Сипете 100 г шеќер во прав, па со виљушка полека соединете го со путерот. Ако ви е полесно изматете со миксер. Додајте и малку ситно рендана кора од лимон.
Потоа додајте 400 г брашно и половина кесичка прашок за печиво (една мала лажичка, 5-6 г). Замесете со рака ровко тесто, а брашното додавајте го постепено, малку по малку. На крај, од тестото треба да добиете трошки.
Калап за торти (26 см) обложете со хартија за печење и во него сипете половина од смесата. распоредете и израмнете, па со помош на дното од чаша обликувајте форма, рамно дно и кората да биде подигната на ѕидовите.
Во средината сипете ги карамелизираните и оладени јаболка, распоредете ги и израмнете, а врз нив распоредете го остатокот од тестото-трошки. Колачот печете го во претходно загреана рерна на 180 степени, 25 минути.Печениот колач оставете го малку да подизлади, па послужете го. Деталите погледнете ги ОВДЕ.