Некои ја нарекуваат Слоново уво, но името не е толку важно кога погачата е превкусна. Мека и вкусна. Погачиците треба да бидат во облик на цвет, но јас немам одговарачка модла па ги правев со обична тркалезна (чаша). Тестото што ми останува после вадењето на цветовите-круговите, го искористувам за да направам полжави…

Потребни состојки: 1 кг меко брашно тип 400, 1 свеж квасец, 300 мл млеко, 300 г свежо сирење, 4 јајца, 1 лажица шеќер, 2 лажички сол, 200 мл масло и 20 г сусам

Постапка: Во соодветен сад соединете го млакото млеко, свежиот квасец, шеќерот, две лажици брашно и една лажичка сол, па добро промешајте и оставете на топло да се активира.

Во поголем сад за мешање ставете 500 г брашно, додадете го активираниот квасец, 3 јајца, остатокот од сол, сирењето и 200 мл масло. Приготвените состојки соединете ги, па постепено додавајте го остатокот од брашното и месете за да добиете мазно тесто.

Тестото покријте го и оставете го да стасува 40 минути, а потоа развлечете го со оклагија во кора со дебелина од 1 см. Со соодветен калап со пречник од 12 см вадете ги цветовите (круговите) од тесто, премачкајте ги со изматено јајце и наросете ги одозгора со сусам.

Тркалезна тепсија намастете ја со масло или путер/маргарин и наредете ги цветовите/кругови од тесто еден до друг, така што краевите да им се преклопуваат. нанижете ги еден до друг во круг, така што секој следен круг малку го поклопува претходниот круг.

Вака приготвената погача оставете ја уште малку да стасува за да стане воздушеста, мека и да го удвои волуменот, па ставете ја во загреана рерна да се пече на 250 степени додека да зарумени. температурата прилагодете ја според вашата рерна (од 220-250 степени). Ако забележите дека брзо потемнива, одозгора ставете хартија.

Coolinarika.com